[ВИДЕО] Израелската армија упадна во бродот на Грета Тунберг

Макфакс

09/06/2025

07:15

3.702

Големина на фонт

а а а

Израелските сили пресретнаа брод со хуманитарна помош што пловел кон Газа, на кој биле активистката за климатски промени Грета Тунберг, актерот од „Игра на тронови“ Лиам Канингем и француската европратеничка Рима Хасан. Сите беа задржани и однесени во Израел.

Коалицијата „Фридом Флотила“ (FFC) претходно објави дека израелската војска се качила на бродот „Мадлин“, кој се обидувал да достави помош во Газа. Во енклавата, 2,1 милиони луѓе се соочуваат со сериозна криза со глад по повеќе од 600 дена војна и 11-неделна целосна блокада на помошта, објави Си-ен-ен.

Израелското Министерство за надворешни работи објави во понеделник наутро (локално време) дека бродот „безбедно се движи кон израелскиот брег“ и дека се очекува патниците да се вратат во своите матични земји.

„Дронови кружат околу бродот, испуштаат бела супстанца“

Видео споделено на социјалните мрежи го прикажува екипажот на бродот, облечен во портокалови елеци за спасување, како седи еден до друг додека војник им подава вода и сендвичи. Грета Тунберг седи близу до предниот дел од групата.

Коалицијата „Фридом Флотила“ претходно објави на Телеграм дека бродот бил „нападнат во меѓународни води“.

„Дронови кружат околу бродот, испуштајќи бела супстанца слична на боја. Врската е изгубена и се емитуваат вознемирувачки звуци преку радио“, се вели во нивната објава. Израелското Министерство за надворешни работи објави видео од морнар кој му кажува на екипажот на бродот преку радио дека „морската зона покрај брегот на Газа е затворена“.

Коалицијата, исто така, објави видео на Телеграм на кое се гледаат членови на екипажот како седат во бродот со кренати раце.

Откако комуникацијата со бродот беше изгубена, Коалицијата почна да објавува однапред снимени пораки од активисти, вклучувајќи ја и Грета Тунберг. „Ако го видите ова видео, бевме пресретнати и киднапирани во меѓународни води од страна на израелските окупаторски сили или сили што ги поддржуваат“, рече Тунберг во својата порака.


Израел повеќе пати повтори дека нема да дозволи бродот да стигне до Газа и го нарече бродот „селфи јахта“ со „познати личности“.

„Им наложив на израелската војска да го спречат бродот ‘Мадлин’ да стигне до Газа“, изјави во неделата министерот за одбрана Израел Кац.

Откако екипажот беше задржан, портпаролот на министерот Кац изјави дека на војската ѝ било наредено да им покаже на активистите снимки од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, веднаш по нивното пристигнување во пристаништето Ашдод.