По денешното судење за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски, Владимир Туфегџиќ, адвокатот на таткото на убиената Вања, рече дека е изненаден од завршните зборови на Обвинителството. Кажа дека очекувал силна енергија и силни аргументи од обвинителите.
„Напротив, добивме само една сувопарна компилација на прочитани докази, неповрзани едни со други. По однос на таткото можам да кажам дека Јавното обвинителство не докажа дека го сторил кривичното дело кое му се става на товар. Слушнавте и сами дека единствениот темел на обвинението на Обвинителството за таткото е тоа што во даден момент, според нечија перцепција, тој се однесувал чудно, односно бил чуден. Не слушнавме и не е понуден ниту еден доказ за какава било негова инволвираност. Од тие причини сметам дека се остварија моите предвидувања дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една правила одлука на судот по однос на таткото“, рече адвокатот Туфегџиќ.
И денес Туфегџиќ кажа дека основа на одбраната на таткото е фактот дека не постои ниту една комуникација, ниту што било што би го компромитирало и го повтори неговиот став дека убиствата не се од користољубие туку за да се внесе немир кај населението.
„Не постои ниту една комуникација ниту што било што би го компромитирало таткото или би го довело во врска со овие луѓе за кои во текот на постапката се изведени доволно докази од кои секој обичен набљудувач може да изведе еден логичен заклучок дека во овој случај темелот, основот на обвинението- користољубие е одамна паднат и овде се работи за нешто сосема друго, според мене лично, дело извршено за да се внесе страв и немир кај населението. Особено во основните училишта. А кои биле мотивите, тоа не е до крај расчистено поради една површна истрага и многу пропусти во истражната постапка“, вели адвокатот Туфегџиќ.
Како многупати досега, Туфегџиќ и денес по судењето кажа дека е непотребно во 21 век да се примени тортура оти постојат истражни методи и методологија која овозможува да се дојде до вистината. Очекува во наредниот период да се утврди зошто истражните органи употребиле тортура.
Во завршните зборови денес Обвинителството заклучи дека Вања и Панче се убиени на свиреп и монструозен начин, а татко на Вања дал информација дека таа сама ќе оди на училиште.
За киднапирањата и убиствата на Вања и на Панче се обвинети Љупчо Палевски – Палчо, Влатко Кешишев, Боре Видевски, Велибор Манев, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски се товари за помагање во киднапирање.