Со оглед на тоа што ТикТок го покрива речиси секој агол и пукнатина на интернетот, многу луди теми и видеа станаа вирални во последниве години. Ова е едно од нив.
На 25 април, Мекензи Дон Харди била ослободена од поправниот дом „Fort Saskatchewan“ додека чекала судење за повеќе прекршоци, вклучително кражба на автомобили и бегство од полицијата. Нејзиното ослободување, според „Global News CA“, се случило поради лажно писмо кое ги навело службениците да поверуваат дека треба да биде ослободена.
Во неделите потоа, Харди патувала низ Канада предизвикувајќи ја полицијата на својот ТикТок профил@kenzies.on.the.lamb со неколку видеа кои собрале стотици илјади прегледи.
„Ви благодарам што ме ослободивте, прасиња“
Во првото видео, таа се фалела со своето ослободување и го објавила извештајот на вести во кои била претставена, а во описот додала: „Тоа сум јас“ и „Ви благодарам што ме ослободивте, прасиња“.
Во видеата потоа, поранешната затвореничка продолжила да ги нарекува полицајците „свињи“, па дури и дала интервјуа за медиумите. Потврдила дека живее во Едмонтон, но редовно објавува видеа од својот автомобил.
„Наводно, со овие видеа кои ги снимам, тоа ќе ме издаде. Но, вие ми дадовте поддршка во коментарите, велејќи ми да продолжам да бегам. Полицијата е едноставно лута затоа што сум еден чекор пред нив“, рекла таа во едно од видеата со повеќе од 350.000 прегледи.
Бара донации од следбениците
До моментот на овој текст, Харди сè уште е на слобода, а сега бара донации од нејзините следбеници на ТикТок - наводно за нејзиното момче кое боледува од канцер. Таа, исто така, изјавила дека тоа била „грешка на владата“ или „нешто што е направено по грешка“ бидејќи таа и онака требало да биде ослободена во рок од две недели.
Кралската канадска коњаничка полиција за „GlobalNews CA“ изјавиле дека апсењето на Харди е „неизбежно“ и дека „ќе биде интересно“ што ќе каже ако повторно биде изведена пред судија.