Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин денеска имале телефонски разговор, објави Трамп на својата социјална мрежа "Truth Social".
Според неговото соопштение, разговорот меѓу двајцата лидери траел еден час и 15 минути.
Трамп откри дека разговарале за нападите на Украина врз неколку воздухопловни бази длабоко на руска територија, кои се случиле за време на викендот, при што Путин изјавил дека ќе мора да одговори на тие напади.
Трамп го опиша повикот како „добар разговор“, но нагласи дека тоа не бил разговор што ќе доведе до итен мир.
„Само што завршив телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин. Разговорот траеше приближно еден час и 15 минути. Разговаравме за нападите на Украина врз руските авиони што беа стационирани на аеродроми, како и за низа други напади што се случуваат од двете страни. Тоа беше добар разговор, но не и таков што веднаш ќе донесе мир. Претседателот Путин рече, и тоа многу јасно, дека ќе мора да одговори на неодамнешниот напад врз аеродромите. Разговаравме и за Иран и за фактот дека времето истекува за нивната одлука поврзана со нуклеарното оружје – одлука што мора да се донесе брзо! Му реков на претседателот Путин дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, и мислам дека тука се согласивме. Тој предложи да учествува во преговорите со Иран и можеби да помогне ова прашање брзо да се затвори. Според мене, Иран одолговлекува со одлуката за ова критично прашање, и ќе ни биде потребен конечен одговор во многу краток рок“, напиша Трамп.
Двајцата лидери последен пат разговараа на 19 мај, кога разговорот траеше два часа, а Трамп тогаш го оцени како „одличен“.