Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Јордан, Хазем Ал-Кхатиб Ал-Тамими

Макфакс

04/06/2025

16:46

116

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан со седиште во Анкара, Хазем Ал-Кхатиб Ал-Тамими.

Упатувајќи срдечни поздрави до кралот на Јордан, Абдула Втори, како и до пријателскиот јордански народ, таа оцени дека двете држави споделуваат исти цивилизациски вредности: зачувувањето на мирот и безбедноста, почитување на човековите права и владеењето на правото, борбата против тероризмот, како и оние поврзани со екологијата, обновливите извори на енергија и економскиот развој.

Денешниот свечен чин за неа е ново поглавје во зацврстувањето и натамошното унапредување на пријателските односи. Претседателката смета дека интензивираниот политички дијалог, особено изразен во последниот период, ќе биде препознаен од страна на јорданските бизнисмени и претприемачи, коишто ќе ги искористат сите погодности што македонската влада им ги нуди на странските инвеститори.

Aмбасадорот на Јордан ја изрази подготвеноста да вложи максимални напори за отворање на сите хоризонти на соработка и воспоставување на правна основа за потпишување на договори и меморандуми за разбирање во сите области од заемен интерес. Тој истакна дека двете држави веруваат оти големината на една земја или бројот на населението не е она што е важно, туку човечкиот капитал и ефектот што луѓето го оставаат каде и да се.

Во пресрет на одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи, соговорниците изразија задоволство од одличната билатерална соработка, како и подготвеност за нејзин натамошен развој и унапредување.

Посакувајќи му успешен мандат исполнет со реализирани иницијативи и проекти, претседателката изрази увереност дека амбасадорот Ал-Кхатиб Ал-Тамими ќе има целосна помош и поткрепа во извршувањето на одговорната дипломатска мисија.