[ФОТО] Во овој европски град постои самопрогласена република: Имаат свој устав, валута, химна и знаме

Точка

02/06/2025

15:34

1.715

Големина на фонт

а а а

Откако литванската престолнина неодамна беше прогласена за најдобра летна дестинација за 2025 година, Ужупис, самопрогласената република во рамките на Вилнус, се издвои од нејзината листа на многубројни атракции.

Со површина од само 0,6 квадратни километри, овој најмал, но многу интересен округ е одделен од Стариот град со реката Вилнеле. На почетокот од 1990-тите, бил напуштен и запоставен, а потоа на 1 април 1997 година, жителите решиле да ги земат работите во свои раце.


Имено тие прогласиле независност на 1 април и го претвориле Ужупис во прекрасна населба, вистинска оаза на уметници и интелектуалци со сопствен граничен премин, валута (верувале или не, се вика Евроужас), влада, знаме, химна, претседател, устав и она што е најважно, слободен дух.


Всушност, сè започнало во 1996 година, кога група студенти од Академијата за уметности во Вилнус основале уметничка заедница во куќа покрај реката Вилнеле. Иницијативата добила голема поддршка од сограѓаните, па во 2002 година, уметниците и властите на Вилнус се согласиле заеднички да го основаат Уметничкиот инкубатор „Ужупис“, место кое стана познато по своите постојано менувачки скулптури и инсталации на отворено.


Печат во пасош

Во Ужупис се влегува преку мостот, каде што, логично, добивате печат во вашиот пасош. Тоа е исто така главното место во Вилнус за поставување љубовни катанци, а под самиот мост се наоѓа таканаречената Лулашка на судбината, една од најголемите туристички атракции во овој боемски кварт.



Оттаму можете да ја видите Сирената, или Богородица од Ужупис, но бидете внимателни! Бидејќи легендата вели дека ако ја гледате доволно долго, може да ве заведе и да ве натера да посакате засекогаш да останете во оваа независна република во Вилнус!


Тука е и познатиот Ангел од Ужупис, а се шпекулира дека идејата за поставување на оваа скулптура дошла од никој друг туку од Далај Лама, кој ја посетил Литванија во 1991 и 2018 година.


Иако звучи интересно, бронзената статуа е всушност граѓанска посвета на Зенонас Штеинис, ангелот чувар на Ужупис и голем уметник и активен член на локалната заедница, кој во голема мера помогнал да се трансформира некогаш незабележливата област во магичното место какво што е денес.


Како што веќе рековме, Ужупис има и свој устав, еден вид манифест составен од 41 член кој совршено го опишува боемскиот начин на живот што ја карактеризира оваа необична република во главниот град на Литванија. Уставот бил напишан за само три часа од Ромаш Лилеикис и Томас Чепаитис и објавен на плоча на улицата Паупио. Преведен е на повеќе од 50 јазици, а водечкиот принцип е дека „секој има право да биде уникатен и да живее покрај реката Вилнеле, додека таа има право да тече покрај секого“.


Република, а како село

Узупис ќе ве воодушеви со својата прекрасна дрвена архитектура, која ќе ве натера да помислите, барем за момент, дека сте залутале во некое далечно село, како и со Вилнускиот керамички еснаф. Всушност, тоа е мало ателје каде што е оживеана древната уметност на грнчарството. Користејќи алатки од средниот век и археолошки наоди, мајсторите од Ужупис рекреираат керамички предмети што ќе ве остават без зборови.


На територијата на Ужупис ќе го пронајдете и Бернардинскиот манастир, првиот католички женски манастир во Литванија, основан во 1485 година. Некогаш познат по својата прекрасна, голема библиотека, сега е дом на Академијата за уметности, место со либерална и креативна атмосфера и добри вибрации.


Во близина се Тибетскиот плоштад со скулптура од мандала и црквата Свети Вартоломеј од 1824 година, толку мала што речиси се вклопува со соседните куќи. За време на советската ера, таа била претворена во работилница за скулптури, а денес е дом на мала белоруска католичка заедница.