[ФОТО/ВИДЕО] Која е младата Тајланѓанка која стана мис на светот за 2025 година?

Точка

01/06/2025

10:56

4.382

Големина на фонт

а а а

Опал Сучата Чуангсри од Тајланд е избрана за Мис на светот 2025. На 72. издание на изборот кој се одржа во Хајдерабад, Индија, Тајланѓанката ја освои ласкавата титула за најубава, а круната ѝ ја врачи минатогодишната победничка, Кристина Пишкова од Чешка.

На изборот се натпреваруваа 108 девојки, меѓу кои и младата Чарна Невзати, која ја претставуваше Македонија.

Девојките беа поделени во четири континентални групи, Европа, Азија и Океанија, Африка, Америка и Карибите, а се одвиваше низ неколку фази, односно категории: Избор на Топ 40 (10-те најдобри девојки од секоја група), Топ 20 (избор на 5 девојки од секоја група), а потоа Топ 8, во кои беа вклучени две финалистки од секоја група, и Топ 4, во кои беа вклучени суперфиналистите, или најуспешните девојки од секоја група.


Зад убавата Тајланѓанка завршија Хасет Дереже од Етиопија, Маја Клајда од Полска и Орели Јоаким од Мартиник.

Иако ги освои симпатиите на јавноста, нашата Чарна Невзати сепак не успеа да се пласира во топ 40. Во таа категорија, во групата Европа, беа избрани претставничките од Белгија, Естонија, Ирска, Италија, Северна Ирска, Полска, Украина, Велс, како и претставничката на Црна Гора Андреа Николиќ и претставничката на Србија Александра Рутовиќ.


Опал Сучата Чуангсри е родена на 20 септември 2003 година во Пукет, Тајланд. Таа пораснала во семејство на хотелиери, а за време на образованието во училиштето „Каџонкиецукса“ и училиштето „Триам Удом Сукса“, ги развила своите комуникациски вештини и стекнала јазични вештини – покрај мајчиниот тајландски јазик, течно зборува англиски и кинески.

Нејзиното учество на избори за убавина започнало на национално ниво, каде што ја освоила титулата Мис Универзум Тајланд во 2024 година. Подоцна истата година, таа ја претставувала својата земја на изборот за Мис Универзум, каде што била меѓу четирите најдобри натпреварувачки и го освоила третото место.


Еден аспект што го одбележал нејзиниот јавен активизам е проектот наречен „Опал за неа“, кој го започнала кога имала 16 години. Проектот има за цел да ја подигне свеста за важноста на грижата за здравјето на дојките и раното откривање на болеста. Проектот бил инспириран од нејзиното лично искуство со операција на бениген тумор на дојка.






За нејзините напори во оваа област, таа ја доби наградата „Глас за промени – Сребрен“ на изборот за убавина Мис Универзум 2024, привлекувајќи внимание на здравствените проблеми на натпреварот.