На денешен ден, 2 мај 2007 година, тенискиот свет беше сведок на уникатен и неповторлив спектакл. Тој ден, Рафаел Надал и Роџер Федерер, тогашните две најголеми ѕвезди на светскиот тенис, го одиграле веројатно најневообичаениот натпревар во историјата на овој спорт.
Овој егзибициски натпревар се одржал во Мајорка, родниот остров на Надал, и остана запаметен како „Battle of Surfaces“ (битка на подлоги).
Идејата зад овој натпревар била едноставна, но исклучително оригинална. Теренот бил буквално поделено на половина – едната страна била земјена, додека другата била покриена со трева. Овој необичен концепт го дизајнирале организаторите за на симболичен начин да ги соочат двајцата најголеми тенисери од таа ера на нивните омилени подлоги. Надал беше речиси непобедлив на земјена подлога во тоа време, додека Федерер доминирал на трева, а особено на Вимблдон. Целта била да се одговори на прашањето: кој е вистинскиот крал на тенисот?
Поради својата уникатност, овој настан предизвикал огромен интерес кај публиката ширум светот. Седум илјади гледачи се собрале на стадионот во Палма, гледајќи ја борбата на двете тениски легенди на терените што буквално ги симболизираат нивните кариери. Натпреварот беше емитуван во живо од неколку ТВ куќи, а се проценува дека повеќе од 200 милиони луѓе ширум светот го гледале пред малите екрани – што претставува огромен број со оглед на тоа што не се работело за официјален турнирски натпревар.
Самиот натпревар бил крајно неизвесен и возбудлив. Иако бил од ревијален карактер, ниту еден од двајцата великани не пристапил лежерно кон натпреварот. Секој поен бил исполнет со борба, а публиката имаше можност да ужива во неверојатните промени што се префрлале од трева на земја и обратно. На крајот, по повеќе од два часа игра, Рафаел Надал победил со 7:5, 4:6, 7:6 (12:10), но резултатот беше најмалку важен. Суштината на овој натпревар била промоција на тенисот, но и доказ за тоа какви професионалци и ривали се Надал и Федерер.
Битката на подлогите остана уникатен настан во историјата на тенисот. Никогаш порано ниту потоа не се одигра натпревар на терен со две различни подлоги, а самиот натпревар сè уште често се споменува како симбол на спортска креативност, ривалство и почит меѓу двата великани.