Ливерпул стана шампион на Премиер лигата, а прославите на навивачите предизвикаа серија мали земјотреси, објавија научниците.
Ливерпул ја освои својата 20-та титула во лигата во неделата, втора во последните пет години, но прва пред навивачите во ерата на Премиер лигата. Претходната беше освоена во корона сезоната.
На трибините „Енфилд“ имаше прослава, а научници од Универзитетот во Ливерпул користеа опрема за снимање и мерење на јачината на земјотресот.
Научниците го забележаа најголемиот шок кога Алексис Мекалистер постигна гол за водство на Ливерпул од 2:1 во 24-тата минута од натпреварот. Земјотресот бил со јачина од 1,74 степени според Рихтеровата скала.
„Сеизмички сигнали со оваа јачина се регистрирани во неколку наврати на концерти и спортски настани во последните неколку години. Минатата година регистриравме земјотрес со слична јачина за време на концертот на Тејлор Свифт“, објасни Калум Харисон, сеизмолог од Британскиот геолошки институт.
„Иако енергијата регистрирана во вакви ситуации може да се спореди со земјотреси, тресењето на земјата е предизвикано од скокање на голем број луѓе, за среќа не станува збор за вистински земјотрес“, додаде тој.
„Ентузијазмот на навивачите на Ливерпул беше толку силен што буквално можеше да ја помести Земјата“, рече професорот Бен Едвардс, еден од научниците кои го следеа движењето на земјата за време на натпреварот помеѓу Ливерпул и Тотенхем.
Вториот најсилен земјотрес беше со јачина од 1,60 степени според Рихтеровата скала – тоа беше реакцијата на навивачите на голот на Мохамед Салах во второто полувреме.
По голот на Коди Гакпо, беше регистриран земјотрес со јачина од 1,03 степени според Рихтеровата скала, а по автоголот на Дестини Удоги, беа измерени 1,35 степени според Рихтеровата скала.