Трамп: За војната во Украина виновни се тројца – Путин, Бајден и Зеленски

Точка

14/04/2025

22:41

1.536

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „милиони луѓе загинале поради три личности“ – рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трамп, кој претходно тврдеше дека војната меѓу Русија и Украина е „војна на Бајден“, во понеделникот во Овалната соба на Белата куќа, по средбата со претседателот на Ел Салвадор Наиб Букеле, порача: „Сè што сакам е да го запрам убивањето во Украина“. Изјавата ја пренесуваат американските медиуми.


Трамп: Зеленски не е компетентен лидер

„Бајден можеше да ја спречи оваа војна. Зеленски можеше да ја спречи. Путин никогаш не требаше да ја започне. Сè што можам да направам сега е да се обидам да ја запрам. Тоа е сè што сакам – да го сопрам убивањето. Мислам дека добро се движиме во таа насока. Мислам дека многу наскоро ќе имате добри предлози“, рече Трамп.

Тој го нарече Зеленски „некомпетентен“, додавајќи: „Ако почнуваш војна, мораш да знаеш дека можеш да победиш. Не започнуваш војна со некој што е 20 пати поголем од тебе, а потоа се надевате дека ќе ви дадат ракети.“

Во истиот контекст, Трамп потсети дека тој бил првиот кој ѝ испратил ракети „Џавелин“ на Украина.


„Оваа војна е вина на Бајден“

Претходно, преку својата социјална мрежа "Truth Social", Трамп изјави:

„Војната меѓу Русија и Украина е војна на Бајден, а не моја. За време на мојот мандат немаше проблеми – ја спречив војната. Претседателот Путин, како и сите други, го почитуваа американскиот претседател.“

Тој додаде: „Немам никаква врска со оваа војна, но напорно работам за да го запрам уништувањето и смртта.“


Повторно обвинувања за изборите

Трамп, исто така, тврди дека „војната немаше да се случи“ доколку претседателските избори во 2020 година не биле „наместени“.

„Претседателот Зеленски и корумпираниот Џо Бајден ја започнаа оваа трагедија. Имаше толку многу начини таа да се спречи. Но, тоа е минато. Сега мора да ја запреме оваа војна и тоа брзо. Толку е тажно“, заклучи Трамп.