Депортирале невин човек – Судот донел одлука за негово враќање во САД – Трамп и „најкул“ диктаторот во светот не дозволуваат

Точка

15/04/2025

21:18

1.737

Големина на фонт

а а а

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле соопштија дека Килмар Армандо Абрего Гарсија, маж од Мериленд, кој неправедно бил депортиран во Ел Салвадор, нема да биде вратен во САД, и покрај одлуката на Врховниот суд според која САД треба да „го овозможат неговото враќање“.

За време на состанокот во Овалната соба, Букеле ја отфрлил можноста за враќање на Гарсија, нарекувајќи ја таквата идеја „апсурдна“.

„Прашањето е апсурдно: како можам да прошверцувам терорист во САД?“, рекол Букеле одговарајќи на прашање на новинарката на Си-ен-ен.



Врховниот суд минатата недела ја потврдил одлуката на понискиот суд со која се бара од владата да го „овозможи“ враќањето на Абрего Гарсија, но не наредил дека истото мора да биде „спроведено“.

Високи претставници на администрацијата на Трамп тврдат дека конечната одлука ќе ја донесе Ел Салвадор.


Самиот Трамп претходно изјавил дека ги почитува одлуките на Врховниот суд, но за време на состанокот избегнал директно да потврди дека ќе постапи по пресудата.

Неговите соработници, вклучително и државната обвинителка Пем Бонди и државниот секретар Марко Рубио, истакнале дека „САД немаат овластување да го вратат Гарсија“, но дека евентуално ќе „обезбедат превоз“ доколку тоа го побара Ел Салвадор.

Букеле – клучниот соработник на Трамп во депортацијата

Гарсија илегално влегол во САД околу 2011 година, но во 2019 година судијата за имиграција му одобрил заштита од депортација бидејќи било докажано дека бил прогонуван од банда во неговата татковина поради семејниот бизнис. Но, и покрај тоа тој неодамна бил депортиран.

Букеле претходно се согласил да прими стотици луѓе кои САД ги означиле како криминалци и членови на банди, со што станал клучен сојузник на Трамп во намерата да депортира милиони луѓе во првата година од неговиот втор мандат.


Трамп го пофалил Букеле и го повикал да изгради повеќе затвори како „CECOT“, кои САД планираат да ги користат за затворање на депортираните лица.

Во текот на викендот, Трамп го нарекол Букеле „Претседател Би“ и му се заблагодарил што прифаќа „некои од најопасните американски непријатели“.

„Најкул диктатор во светот“

Инаку, Букеле себеси се нарекол кул диктатор. Тој се здобил со популарност поради безмилосното уништување на бандите кои со години имале контрола врз Ел Салвадор, централноамериканската земја, која беше растргната од граѓанската војна од 1980 до 1992 година и која резултираше со 250.000 мртви и една третина раселено население.



Инаку војната против бандите му донесе голема популарност на Букеле, но и обвинувања за автократско владеење и масовно кршење на човековите права.