Коцевски: Се проширува истрагата за пожарот во Кочани - Издадена наредба за приведување на уште седум полициски службеници

Точка

15/04/2025

20:08

1.836

Големина на фонт

а а а

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во вечерашното гостување во „Топ тема“ на „Телма“ изјави дека во овој момент јавниот обвинител издал наредба за приведување на уште седуммина полициски службеници во рамките на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

„Во однос кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, ми јавуваат, дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка“, истакна Коцевски и додаде дека истрагата се проширува.

Тој не откри дали се работи за актуелни полициски функционери, иако беше прашан, но рече дека тие утре ќе бидат донесени во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), а потоа и пред судија на претходна постапка.


Со ова, бројот на полицајци и началници кои се опфатени со истрагата за трагичниот пожар во илегалното „кабаре“ се искачи на 14.

Коцевски исто така рече дека објектот „Пулс“ не бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. Бил познат и на локалната самоуправа, бил познат и на сите надлежни институции кои што требало да функционираат. „Што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот“, истакна Коцевски.