[ВИДЕО] Советничка од ВМРО-ДПМНЕ низ солзи си поднесе оставка: Низа лични дискредитации и навреди за предложените кандидати за в.д. градоначалник на Кочани

A1ON.MK

14/04/2025

14:17

6.985

Големина на фонт

а а а

Советот на Општина Кочани денеска ја одржува 62. седница на која единствена точка на дневен ред е избор на в.д. градоначалник по оставката на градоначалникот Љупчо Папазов, кој е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во која животот го загубија 61 лице, а околу 200 се повредени.

Кандидатура за в.д градоначалник на седницата поднесе советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, додека од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група Гоце Марков.

Кандидатите за в.д. градоначалник имаа кратки образложенија на своите кандидатури, по што на седницата беа изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати. Поради тоа претседателот на Советот Лазо Митев даде едночасовна пауза.

Кристина Атанасова Арсова, советничка од ВМРО ДПМНЕ, пак, на седницата јавно ја предаде својата оставка на функцијата. Образложи дека не прифаќа вакво политичко препукување особено што и самата е засегната бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката Пулс.

Во Советот на Општина Кочани има 19 членови, од кои девет се од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, еден независен и еден од Левица.