Во добра состојба е првиот пациент кој се врати од лекување во странство по пожарот во Кочани

Макфакс

25/03/2025

20:18

1.302

Големина на фонт

а а а

Првиот од 115-те пациенти кои се лекуваат во странство, по пожарот во дискотеката во Кочани, попладнево се врати во земјава и е во добра состојба.

Тој беше донесен од болницата во Белград, Србија и засега останува на опсервација во ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје.

Директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев рече дека клиничката состојба кај пациентот е подобрена и тој извесен период, неколку часа или можеби до утре ќе биде опсервиран на Универзитетската клиника за токсикологија.

„Тој е прегледан и е во сосема добра состојба, со добри клинички параметри. Ќе направиме некои наши иследувања за да бидеме сигурни дека можеме да го пуштиме дома да си оди кај семејството“, рече Чибишев.

Како што објасни протоколот налага да биде земена барем основна лабораторија, да направат интервју за да видат низ се што поминал додека се лекувал таму.

„Доаѓањето во својата држава и дома, секако дека за него е да не кажам малку стресна состојба и ние не можеме веднаш да го пуштиме да си оди дома, туку ете малку тука ќе биде со нас, ќе се дружи со нашиот персонал, а во меѓувреме ние ќе ги направиме иследувањата“, додаде Чибишев.

Пациентите кои се враќаат во земјава, но и оние кои се лекуваат во државата, ќе бидат третирани и од тимови на психијатри и психолози.