Секој оној којшто го прекршил законот ќе одговара пред законот и тука не треба да има дилема. Како што видовте во првите три дена, 34 лица, а акцијата на МВР ќе продолжи понатаму, граѓаните треба да бидат спокојни правдата доаѓа без разлика дали лицето е дел од некоја политичка структура или не е, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во однос на мораториумот, премиерот кажа дека ќе им биде даден временски период на сопствениците да ги отсранат недостатоците или да го прилагодат објектот.
„Кога зборуваме за мораториум, зборуваме за еден временски период којшто ќе им биде даден на сопствениците да ги отстранат недостатоците или пак да можат да направат нешто со што ќе се прилагодат можеби не на дискотека, на кабаре или на нешто друго. Ако не се потенцира ќе следат вакви дилеми, дека некој од тие треба да биде кривично гонет. Сите оние коишто доставиле документи, а не ги исполнуваат условите согласно вонредниот инспекциски надзор од Државниот пазарен инспекторат да ги исполнат условите. Се размислува колкав период ќе им се даде“, одговори Мицкоски и додаде дека тие во тој период нема да работат.
„Тој период ќе го искористат да ги отстранат недостатоците. Нешто што три децении е погрешно направено, ние за девет месеци се обидуваме да го канализираме и да го ставиме во ред. Ова ќе биде обемна операција. Многу дозволи се суспендираат, лиценци и објекти се затворени. Ние како Влада ќе го исправиме тоа што повеќе од три децении било погрешно. Ќе им оставиме време на сопствениците на тие стопански објекти да го исправат. Не станува збор само за приватни, туку и за државни објекти, пензионерски домови, училишта. Кога се граделе или реновирале во суштина се краделе“, изјави пермиерот и дополни дека мораториумот ќе трае колку што е потребно тие измени да се направат.