Таравари: Пет повредени од Кочани се во критична состојба, останатите пациенти се во стабилна и добра состојба

Макфакс

23/03/2025

18:31

1.844

Големина на фонт

а а а

По завршување на редовниот состанок на кризниот штаб, министерот за здравство Арбен Таравари информираше за состојбата со пациентите, кои беа повредени во несреќата што се случи во Кочани.

Во македонските болници сите пациенти се во стабилна и добра состојба, рече тој и додаде дека планирано е 9 пациенти да бидат испишани на почеток на неделата, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања.

– Надвор од државата се 115 пациенти, во критична состојба продолжуваат да бидат 5 пациенти, но состојбата на пациентите флуктуира. Седми ден е, нула починати. Нема ниту еден пациент кој починал. Очекуваме да се подобрува состојбата. Следната недела имаме најави за враќање на повеќе пациенти во државава – рече Таравари на денешната изјава за медиумите, по завршување на редовниот состанок на кризниот штаб.


Како што соопшти Таравари, петте пациенти се очекува да пристигнат во среда или четврток, а ќе бидат пречекани од специјални екипи и возила кои ќе се придржуваат до протоколот и информациите за состојбата на пациентите, по што, појасни, ќе ги сместат во болниците од каде биле претходно пуштени пациентите, каде ќе им биде направена првата тријажа.

– Протоколите ќе бидат објавени на нашата веб страна, исто така ќе бидат испратени и до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, како и до сите други држави. Ќе имаме специјални екипи кои што ќе работат со овој протокол кои што ќе се придржуваат до информациите за состојбата на пациентите кои што треба да ги добиеме. Ќе има специјална екипа која што ќе ги прифаќа и специјални возила кои што ќе ги пречекаат и сместуваат во болниците. Првата тријажа ќе се направи во болницата од каде што е пуштен пациентот, па ќе бидат хоспитализирани во болници каде што треба. Доколку нема потреба ќе се пуштаат на домашно лекување, рече Таравари.

Секоја фаза, посочи, има свои компликации и потешкотии, појаснувајќи дека во оваа фаза постои ризик од развивање на инфекции, затоа, рече, состојбата на пациентите може да флуктуира.

– Јас кажувам каква е моменталната состојба на пациентите. Одредени пациенти веќе добиваат антибиотици за да се превенираат тие инфекции, така што се надевам и тие што ќе пристигнат, веќе зборувавме за стерилизирање на автомобилите со кои што ќе дојдат, како и собите каде што ќе се третираат, така што се надеваме на што помалку компликации и подобро здравје на сите тие што ќе се вратат во државата, рече Таравари.

Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите, додаде, ќе бидат од нашата држава, а во зависност од каде и со што ќе доаѓаат, така ќе бидат и пречекувани.

– Екипите кои што ќе ги пречекаат пациентите ќе бидат од нашата држава, во зависност од каде доаѓаат и со што ќе доаѓаат. Доколку доаѓаат со авион, ќе бидат пречекани на Меѓународниот аеродром во Скопје, а ако се од соседните држави, за што мислам дека најдоцна ќе се враќаат бидејќи таму се најтешките пациенти, односно во Србија, Бугарија и Грција, рече Таравари.

Таравари соопшти дека е стабилна состојбата на  55-те  пациенти кои се лекуваат во државава, а од 115 пациенти во странство во критична состојба се пет.