Министерство за економија не е надлежно за вршење надзор во објектот: Дурмиши за лиценците во угостителската дејност

Макфакс

25/03/2025

13:06

404

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши информираше за сите надлежности кои ги има Министерството за економија и труд во делот на издавање на лиценци и следните мерки и законски решенија кои ќе бидат донесени и кои се во нивна надлежност.

„Во делот на издавање на лиценци, согласно Законот за угостителска дејност за да работи ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор мора да има за тоа валидна лиценца. Таа лиценца ја издава Министесвото за економија и труд со поднесување на барање за издавање на лиценца на образец за платен надоместок за давање услуги.

Кон барањето се доставува и следната документација:

1) Решение за упис во трговскиот регистар издадено од Централниот регистар на Република Северна Македонија (во оригинал не постар од 6 месеци);

2) Одлука за определување на висната на надоместокот за кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, донесена од советот на општината.

3) Пријава за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност (во копија);

4) Согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на внатрешните работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност на сообраќајот (во оригинал)“, кажа Дурмиши.

Според него, Министерство за економија и труд постапувајќи по поднесеното барање ја разгледува документацијата која содржи акти и документи издадени од други институции и врз основа на истата, доколку се исполнети условите е задолжена да ја даде лиценцата за вршење угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор со период на важност од 1 (една) година.

Министерство за економија и труд не е надлежно, како што рече, ниту има механизам за вршење увид, надзор или контрола во објектот во кој ќе се врши дејноста.

Во однос на висината на надоместокот кој треба да го плати вршителот на дејноста истата ја определува советот на општината. Надоместокот 50% се уплатува на сметка на општината, а 50% се уплатува во Буџетот на Република Северна Македонија.

„Во прилог на барањето наведениот образец ,,Пријава за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност” е формулар кој правниот субјект го пополнува со бараните основни податоци за субјектот, дејноста, просторија за лична хигиена на гостите, посебни одредби за вработените, капацитет за простор за послужување, вентилација, број на излези за итни ситуации и многу други критетриуми при што истиот изјавува дека дадените податоци во пријавата се вистинити и притоа образецот го доставува во подрачно одделение на Државниот пазарен инспекторат.

Во однос на Согласноста од органот на државната управа надлежен за работите од областа на внатрешните работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност на сообраќајот барателот може за истиот да поднесе барање до Министерство за внатрешни работи, а доколку не поднесе, по службена должност Министерството за економија и труд ќе се обрати со барање мислење до МВР. По добивање на мислењето од МВР, Министерството за економија и труд ја изготвува соодветната Лиценца за која е поднесено барањето.

Доколку се добие негативно мислење во однос на исполнетоста на условите наведени погоре Министерството за економија и труд ќе донесе Решение за одбивање на барањето и не се издава бараната лиценца. Доколку во периодот на важноста на Лиценцата (1 година) МВР констатира дека кај одреден субјект се изменети односно не ги исполнува условите за кои е надлежен да врши контрола и надзор, ќе го извести Министерството за економија и труд по што министерството ќе донесе Решение за одземање на веќе издадена лиценца“, појасни Дурмиши.

Министерот информира дека секој правен субјект без разлика на дејноста за која е регистриран вклучувајќи ги и сите угостителски објекти пред започнување со работа задолжително поднесува пријава или известување за започнување со работа до: Градоначалник на општината, Инспекторат за труд, Дирекција за заштита и спасување, Агенција за храна и ветеринарство (доколку подготвува и послужува храна), УЈП и други надлежни институции кои се предвидени согласно позитивните законски прописи во Р Македонија за која документација се подразбира дека задолжително ја има поднесено, по што може да поднесе барање за издавање на лиценца за вршење угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор.

Соопшти дека на владина седница одржана на 18 март, Министерството за економија и труд било задолжено да започне со подготовки за измени и дополнувања на Законот за угостителска дејност. Овие измени, како што нагласи, ќе овозможат проверката на минималните технички услови за работа да се врши пред издавање на лиценцата за работа.

„Со тоа, Пријавата за исполнување на минимално-техничките услови за вршење угостителска дејност, пред да биде доставена како пропратен документ во барањето за лиценца, ќе треба да има потврда за нејзината веродостојност од Државниот пазарен инспекторат“.

Порача дека Министерството за економија и труд е посветено на гарантирање дека законот ќе се почитува и секој кој што огрешил пред законот треба да одговара. Одговорноста, според него, има име и презиме и сите одговорни лица очекува дека ќе бидат казнети.