Кај сите 59 настрадани во пожарот во Кочани причината за смртта е насилна и е настаната поради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот во дискотеката „Пулс“, информира денеска првиот човек на Судска медицина, Александар Станков, во врска со обдукцијата на телата на сите починати во дискотеката.
„Обдукциите почнаа во вечерните часови на 16 март, а завршија во претпладневните часови на 18 март. Паралелно со обдукциите, беше собиран и материјал и беше вршена идентификација на жртвите. Првичната идентификација беше вршена во болниците, каде што беа жртвите, но и со помош на препознавање и врз основа на лични докуметни од починатите. Во услови на стрес тие методи не се доволно доверливи и може да се случат грешки, намерни или ненамерни“, посочи Станков.
Додаде дека од нивна страна се направени две методи, идентификација со помош на ДНК и со помош на дактилоскопија.
Во текот на март, рече тој, се очекува да бидат завршени сите извештаи во врска со направените обдукции. Ќе биде потребно време за токсиколошките анализи.
„Јаглеродниот моноксид е многу опасен гас. Смртта може да настане многу бргу, во зависност од концентрацијата. Во тој простор со таков чад многу бргу може да настане смрт и ги онеспособува жртвите да бегаат. Неможност за движење. Според макроскопскиот наод, кај најголем дел од нив има јаглероден моноксид. Најчесто кога имаме вакви случаи, не во толкав број, зимно време имаме вакви случаи и лицата се пронајдени или во кревет или до вратата обидувајќи се да избегаат“, рече Станков.