Заврши разговорот меѓу Путин и Трамп: Се огласија и Кремљ и Белата куќа – Путин нареди 30-дневен прекин на нападите врз украинската енергетска инфраструктура

Точка

18/03/2025

19:07

1.821

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин се согласил да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

Руските медиуми јавуваат дека по разговорот со Доналд Трамп, Путин и наредил на војската да ги запре нападите врз овие цели на 30 дена.


Кремљ соопшти дека Путин и Трамп изразиле заеднички интерес за „нормализација на односите“ меѓу САД и Русија, а договорена е и размена на 175 затвореници меѓу Москва и Киев. Москва се согласила и да предаде 23 тешко ранети украински војници.

Бела куќа: Преговорите почнуваат веднаш

Белата куќа објави дека „лидерите се согласиле дека движењето кон мир ќе започне со прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, како и технички преговори за спроведување на поморски прекин на огнот во Црното Море, целосен прекин на огнот и траен мир“.


Овие преговори треба да започнат веднаш, и тоа на Блискиот Исток. „Лидерите опширно зборувале за Блискиот Исток како регион на потенцијална соработка за спречување на идни конфликти. Тие исто така разговарале за потребата да се запре ширењето на стратешкото оружје и ќе соработуваат со другите со цел да обезбедат најширока можна примена“, додадоа од Белата куќа.

„Двајцата лидери се согласиле дека иднината со подобрени билатерални односи меѓу Соединетите Држави и Русија ветува многу. Ова вклучува огромни економски договори и геополитичка стабилност откако ќе се постигне мирот“, се вели во соопштението на Белата куќа.