Новата студија сугерира дека попладневните дремки ги зајакнуваат вештините на мозокот за решавање проблеми, при што особено е важна РЕМ фазата на спиењето – фазата во која вообичаено се доживуваат живописни соништа и теоретски е поврзана со складирањето на меморијата и обработката на емоции.
REM (Rapid Eye Movement) е фаза на спиење која се карактеризира со брзи движења на очите, висока активност на мозокот и соништа. Всушност повеќето соништа се случуваат за време на РЕМ фазата на спиењето, која често се поврзува со живописно сонување. Во оваа фаза, сите мускули обично се опуштени – само очите се движат брзо.
Експертите истакнаа дека РЕМ фазата е особено важна за физичко закрепнување, когнитивни процеси и зачувување на менталното здравје.
Истражувачите од Државниот универзитет во Тексас тестирале аналогно решавање на проблеми, каде што мозокот ги решава проблемите користејќи успешни методи применети на слични проблеми во минатото, односно решавање на проблеми со потпирање на постоечките вештини и искуство.
Истражувањето покажаа дека луѓето кои практикувале попладневни дремки подобро ги решиле проблемите. Покрај тоа, РЕМ фазата на спиење може да игра клучна улога во најдоброто искористување на минатите искуства, преку воспоставување и зајакнување на асоцијации кои не се веднаш видливи во текот на будната состојба.
„Моменталните резултати покажуваат дека, кога проблемот изгледа нерешлив, попладневната дремка може да биде корисна, особено ако сонот ја вклучува РЕМ фаза на спиењето“, рекоа истражувачите во нивниот објавен труд.
Како било спроведено истражувањето?
Во истражувањето учествувале 58 учесници, на кои им биле претставени низа проблеми проследени со нивни решенија. Потоа им бил претставен друг сет на слични проблеми, при што кај вториот сет на проблеми немало понудени решенија, но загатките можеа да ги решат врз основа на истите ментални процеси како и кај првиот сет на прашања.
Потоа била направена двочасовна пауза по овие два сета на проблеми, при што 28 волонтери спиеја 110 минути, додека од останатите 30 испитаници било побарано да останат будни. На испитаниците од групата која спиела им беше квантифицирана РЕМ фазата на спиење со помош на електроенцефалографија (ЕЕГ) – метод кој ја регистрира електричната активност на мозокот користејќи електроди.
По паузата експериментот продолжил и сите учесници имале можност повторно да ги разгледаат проблемите од вториот сет кои не успеале да ги решат.
Резултати од истражувањето
Откриено е дека испитаниците кои спиеле подобро ги решиле проблемите кои првично ги збуниле, а количината на РЕМ сонот што ја имале била поврзана со веројатноста за решавање на овие проблеми. Имено, повеќе РЕМ сон бил поврзан со подобро решавање на проблемите, дури и во ситуации кога испитаниците од двете групи постигнале слични резултати во решавањето проблеми пред паузата.
Исто така, испитаниците кои дремеле биле подобри од групата која била будна во забележувањето сличности помеѓу проблемите во првиот и вториот сет.
„Овие резултати укажуваат на тоа дека спиењето ја подобрува способноста за решавање на целните проблеми кои на почетокот не можат да се решат. Исто така, нашите наоди сугерираат дека РЕМ фазата на спиењето ја подобрува употребата на аналоген трансфер, истакнувајќи ги заедничките карактеристики помеѓу изворните и целните проблеми кои биле незабележани пред спиењето“, пишуваат истражувачите.
Од друга страна нагласија дека не може со сигурност да се тврди дека постои директна причина и последица, но како што велат, постои силна поврзаност помеѓу РЕМ фазата на спиење и решавањето на проблемите.
РЕМ фазата ги поврзува новите сеќавања со старите
Резултатите од ова истражување, исто така, се во согласност со претходните кои покажуваат дека спиењето е поврзано со подобри креативни вештини за решавање проблеми и подобра ментална агилност во различни области.
Во однос на факторите на РЕМ спиењето, истражувачите веруваат дека начинот на кој оваа фаза на спиење нѝ помага да ги поврземе новите сеќавања со старите може да има предности кај задачите кои бараат од лицето да се потсети на постоечките вештини и искуства.
„Нашата студија покажува дека можеме да станеме подобри во решавањето на проблемите по дремката. РЕМ фазата на спиење е неопходна за да се олесни решавањето на проблемите кога е потребна активна рекомбинација на елементите на проблемот, како што се случува за време на креативното решавање на проблемите“, додадоа истражувачите.
Ова истражување е објавено во списанието „Journal of Sleep Research“.