Кремљ по изјавата на Трамп за селење на Палестинците од Газа: „Две држави е решението што Русија го поддржува“

Макфакс

05/02/2025

13:43

327

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Кремљ е запознаен со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за можното преселување на Палестинците од Газа и дека ја следи ситуацијата на Блискиот Исток.

„Во однос на темата за преселување, да, ја слушнавме изјавата на господинот Трамп за ова прашање, ја слушнавме и ја видовме изјавата од Јордан и Египет, каде што зборуваа за отфрлање на таквата идеја“, изјави Песков за новинарите, пренесува „РИА новости“.

Според него, позицијата на Русија за блискоисточното решение е позната и подразбира решение со две држави.

„Решението на Блискиот Исток може да се заснова само на две држави, тоа е тезата содржана во релевантната резолуција на Советот за безбедност на ОН… И од тоа тргнуваме, го поддржуваме и веруваме дека тоа е единствената можна опција“, рече Песков.

Тој додаде дека Русија има намера да ги продолжи блиските односи со Иран.

„Иран е наш партнер. Имаме повеќеслојна соработка во разни области и ќе продолжиме да ги развиваме овие односи“, рече Песков коментирајќи ја изјавата на Трамп за „целосно прекинување на извозот на нафта од Иран“ како дел од политиката на максимален притисок врз Техеран.

Поранешниот израелски министер за јавна безбедност, Итамар Бен Гвир, ја пофали изјавата на американскиот претседател за преселувањето на Палестинците од Газа нарекувајќи ја единственото решение.

Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација, Хусеин Шеик, од друга страна, ги отфрли сите повици за раселување на палестинскиот народ од нивната татковина.

Кина исто така рече дека се противи на предлогот на американскиот претседател и се залага за решение со две држави, Палестина и Израел, како одговор за постигнување траен мир на Блискиот Исток.

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, ги осуди изјавите на американскиот претседател нарекувајќи ги неприфатливи. Фидан нагласи дека секој план што ги исклучува Палестинците од решавање на ситуацијата ќе доведе до дополнителна ескалација на конфликтот, пренесе „Ројтерс“.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денеска изјави дека политиката на максимален притисок врз Техеран, објавена од американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се покаже како уште еден неуспех. „Верувам дека максималниот притисок е неуспешен експеримент и дека обидот повторно ќе доведе до нов неуспех“, рече Арагчи.