Органските соединенија и минерали неопходни за појавата и развојот на животот се откриени во значителни количини во примероците собрани на астероидот Бену, објавија истражувачите. Ова е уште еден доказ за теоријата дека астероидите можеби ги донеле основните состојки на животот на нашата планета, пишува "CNN".
Примероците, исто така, овозможија подобро разбирање на хемиските и биолошките процеси на вселенските карпи кои хаотично летаа околу Сончевиот систем во неговите рани денови.
Прелиминарните анализи на карпите и прашината објавени во изминатата година покажаа дека астероидот содржел вода, како и јаглерод, азот и други органски материи, но хемискиот состав на органскиот материјал во голема мера бил непознат.
Новото истражување покажа дека примероците содржеле хемикалии кои ги претставуваат основните елементи за живот, како што се аминокиселините и компонентите пронајдени во ДНК, изјави д-р Даниел П. Главин, научник од Центарот за вселенски летови на НАСА Годард.
„Ова е многу возбудливо бидејќи сугерира дека астероидите како Бену некогаш функционирале како џиновски хемиски фабрики во вселената и можеле да ги донесат суровините неопходни за живот на Земјата и другите тела во нашиот Сончев систем“, изјави Главин, главен автор на студијата, за "CNN". објави списанието "Nature Astronomy".
Покрај тоа, во посебна студија објавена во списанието "Nature", научниците го претставија своето откритие за соли и минерали клучни за животот во карпите од Бену.
Резултатите од двете студии беа претставени на прес-конференција на НАСА како „револуционерно научно откритие“.
Remember when we brought pristine asteroid samples back to Earth? The first big science is in!
— NASA (@NASA) January 29, 2025
The samples suggest that the early solar system had widespread conditions and ingredients for life. Here's how we know: https://t.co/PHPjpaWgWs pic.twitter.com/pwsDAXtY2J
„Овие две студии заедно покажуваат дека Бену е многу поинтересно и покомплицирано место отколку што веројатно мислевме пред само шест месеци“, рече д-р Тим Меккој, коавтор на студијата во списанието "Nature" и куратор на метеорити во Музејот за природна историја Смитсонијан.
Истражувачите открија 14 од 20-те аминокиселини кои се користат за градење на протеини и 19 непротеиногени аминокиселини во примероците. Откриени се и аденин, гванин, цитозин, тимин и урацил, сите пет основни нуклеобази или компоненти кои го сочинуваат генетскиот код во ДНК и РНК.
„Овие органски молекули претходно беа откриени во метеорити, но за разлика од нив, примероците од Бену беа изолирани и заштитени при влегување во атмосферата и не беа контаминирани на Земјата. Затоа сум многу посигурен дека овие хемиски состојки на животот се всушност од вонземско потекло и се создадени во вселената, а не од загадување на Земјата“, рече Главин.
Вселенското летало Озирис-Рекс на НАСА собра примероци од астероидот Бену и ги донесе на Земјата на 24 септември 2023 година. Леталото патуваше приближно 6,21 милијарди километри за време на оваа 7-годишна мисија. Сондата донесе 121,6 грама материјал од астероидот на Земјата.