Јаневска: Новата концепција е на јавна расправа, не е точно дека предметите филозофија и логика се исклучени

Макфакс

27/01/2025

18:10

521

Големина на фонт

а а а

Не е точно дека предметите филозофија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование. Се работи за драфт верзија поставена на јавна расправа. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска откако дел од гимназиските професори преку отворено писмо се спротивставија на новата Концепција, коментирајќи дека со отстранувањето на философијата во македонското образование, не само што се отсекуваме од основите на европската цивилизација и мисла туку стануваме периферија која самостојно избрала да се апстрахира и од современите текови.

Јаневска објасни дека во моментов се прибираат сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе биде донесен конечниот заклучок.

„Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите од Филозофскиот факултет, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците“, изјави Јаневска.

За предметот Сексуално образование, министерката во изјава за медиумите рече дека овој предмет останува слободен изборен предмет во деветто одделение и продолжува во средното образование.

Коментари и забелешки за новата концепција може да се испраќаат на веб страницата на Бирото за образование најдоцна до 31 јануари.