Американскиот претседател во заминување: Беше животна привилегија да и’ служам на оваа нација повеќе од 50 години

Макфакс

15/01/2025

18:20

242

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Џо Бајден им се заблагодари на Американците за нивната „љубов и поддршка“ за време на неговиот мандат, во емотивна изјава пред неговото официјално проштално обраќање.

„Ги дадов срцето и душата на нашата нација“, рече Бајден во писмото објавено од Белата куќа.

„Бев благословен милиони пати за љубовта и поддршката на американскиот народ“.

Бајден (82) во понеделник „ќе му ја предаде штафетата“ на Доналд Трамп, кој победи на претседателските избори во ноември минатата година.


Бајден не само што ќе ја напушти Белата куќа по четири години на чело на најмоќната демократија во светот, туку и ќе ја заврши својата политичка кариера.

„Беше животна привилегија да и’ служам на оваа нација повеќе од 50 години“, напиша Бајден.

„Никаде на друго место на Земјата не би можело дете со скромно потекло од Скрентон, Пенсилванија и Клејмонт, Делавер, кое пелтечеше, еден ден да седне на маса во Овалната соба како претседател на Соединетите држави“, рече тој.

Белата куќа, исто така, објави долга листа на достигнувања на Бајден како претседател, вклучително и историското закрепнување од пандемијата на коронавирус и економски раст и намалување на трошоците.

Но, многу Американци ќе го паметат и по неговото инсистирање да се кандидира за втор мандат, иако долго се поставуваше прашањето дали е способен да го стори тоа поради годините.

По катастрофалниот настап во телевизиска дебата, Бајден на крајот се повлече од трката само неколку месеци пред изборите, а демократите ја номинираа потпретседателката Камала Харис за свој претседателски кандидат.

„Историјата е во вашите раце. Моќта е во вашите раце. Идејата за Америка е во вашите раце. Треба само да ја задржиме вербата и да се потсетиме кои сме“, заклучува Бајден во писмото.