Хрват од Истра предводел терористичка група, го поврзуваат со напади во Европа

Макфакс

15/01/2025

17:51

335

Големина на фонт

а а а

Американскиот Стејт департмент во понеделникот го прогласи колективот Терорграм за терористичка група и воведе санкции за водачите на групата. Еден од нив е Хрват од Истра.

„Терорграм е транснационална терористичка група која оперира првенствено на социјалните медиуми и платформата за дигитални пораки Телеграм. Групата промовира насилен бел расизам, поттикнува напади врз перцепирани противници и обезбедува упатства и инструкциски материјали за тактики, методи и цели за напади, вклучително и критична инфраструктура и владини претставници. Групата исто така ги слави оние кои извршиле такви напади“, се вели во соопштението што го пренесе „Индекс“.


Групата ги поттикнала корисниците на Терорграм на напади, вклучително и пукање во октомври 2022 година пред ЛГБТ бар во Словачка, планиран напад на енергетски објекти во Њу Џерси во јули 2024 година и напад со нож во џамија во Турција во август 2024 година.

Во септември 2024 година, двајца водачи на американскиот терорграм беа обвинети. Во обвинението се наведени 15 точки, вклучувајќи поттикнување на извршување злосторства од омраза, поттикнување убиства на владини службеници и заговор за давање материјална поддршка на терористите.

Стејт департментот ги објави имињата на тројцата лидери на Терорграм:

Чиро Даниел Аморим Фереира е администратор на каналот Терорграм; Фереира е бразилски државјанин кој живее во Бразил.

Ноа Ликул е висок член. Тој е хрватски државјанин кој живее во Хрватска.

Хендрик-Вал Мулер е администратор на каналот Терограм; Мулер е државјанин на Јужна Африка кој живее во Јужна Африка.