Началникот на Генералштабот на Армијата на конференција на Воениот комитет на НАТО

Макфакс

15/01/2025

07:40

276

Големина на фонт

а а а

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска ќе престојува на редовната конференција на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.

На претстојната конференција во првиот ден ќе се реализираат сесии со началниците на земјите членки на НАТО, на кои ќе се дискутира за повеќе теми меѓу кои безбедносната состојба во зоната на одговорност на Алијансата и подготвеноста за одбрана и одвраќање, модернизацијата и интероперабилноста на НАТО Алијансата, придонесот кон стабилноста и безбедноста, заканите, ризиците и предизвиците.

За време на вториот ден ќе се реализираат сесии со партнерите, на кои ќе се разговара за глобалната безбедносна состојба и иднината на партнерството во делот на безбедносната соработка и менаџирањето со кризи. Меѓу другото, ќе се разговара и за пошироки теми како: климатските промени, безбедност на храна и енергија, нерегуларна миграција, организиран криминал и влијанието на недржавни актери на безбедноста.

Генералот Лафчиски во оваа прилика ќе реализира и официјална посета на Врховната сојузничка команда на НАТО за операции во Монс, Белгија при што ќе ја посети и делегацијата на нашата земја во НАТО распоредена во Монс и Брисел и штабните старешини распоредени во командната структура на НАТО.

Највисокиот воен авторитет на НАТО алијансата, Воениот комитет во формат на началници на Генералштабови се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно се одржува во една од сојузничките земји членки на база на ротација.