Со врнежи снег утрово свечено во употреба беше пуштен експресниот пат Градско-Дреново, долг 15,5 киломтери. За свеченоста, исто како и прд десет дена во Страцин, се собраа министри, директори, градоначалници, амбасадори и голем број граѓани.
Директорот на Јавното претпријатие за држави патишта, Коце Трајановски, потсети дека подготовките и плановите за овој експресен пат почнале во 2012 година со планови и проектирање, а договорот со првиот изведувач бил склучен во 2017.
„Во 2017 година е склучен договор со ’Терена скави’ од Италија меѓутоа со оглед на слабата реализација за само 3 години, по 30 и неколку проценти реализација, раскинат е договорот и во 2021 година е избрана фирмата ’Страбаг’ за изградба на оваа делница. До јуни 2024 година изграден е голем процент од овој пат, односно некаде од 80 отсто. Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите оние кои учествуваа од идеја се до реализација на овие 80 отсто од овој експресен пат. Во јуни 2024 година морам да истакнам дека патот не беше завршен. По мојот избор за директор контстатиравме дека ’Страбаг’ една година беше повлечен од оваа делница поради нерешени финансиски проблеми и нерешени градежни и други технички проблеми. Скоро една година беа повлечени и вработените и механизацијата од оваа делница. Имаше тотален застој“, рече директорот Трајановски.
Проблемите ги надминале во септември кога повторно почнале градежните активности за довршување на останатите 20 отсто од експресниот пат за што Трајановски изрази низа благодарности на Владата , премиерот, министрите и градежниците.
Заедно со Градско – Дреново, во употреба беше пуштен и еден километар од патот Дреново – Фариш. Трајановски најави дека останатите девет километри од овој пат не се пуштени во употреба сега од безбедносни причини.
„Морам да кажам дека овој пат во голем процент исто така беше завршен меѓутоа од безбедносни причини со оглед на тоа што косините не беа добри и поради тоа што има карпести делови кои надвиснуваат на патот ќе се одложи неговото пуштање. Се надевам дека за неколку месеци ќе бидеме исто вака во голем број собрани да го пуштиме и овој пат и со тоа конечно ова тесно грло, овој опасен пат кој има многу црни точки да биде пат кој доликува на Македонија“, рече Трајановски.
Премиерот Христијан Мицкоски, слично како и на пуштањето на патот Крива Паланка-Страцин, во говорот уверуваше дека патот не е политичка градба и оти ниеден политичар нема да си го стави в џеб и да си го носи дома туку е на граѓаните, но сепак ја искористи приликата и од бината им се заблагодари на опозициските партии кои седум години, додека беа власт, не го довршија патот, па морала оваа Влада да го заврши.
На свеченоста беше и амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, грчки дипломат кој на македонски јазик присутните ги поздрави со „Добар ден и среќна Нова година“. Патот Градско – Дреново рече дека претставува критичен дел од трансевропската мрежа која не поврзува како соседи и како партнери и дека не е само асфалт и бетон туку темел за напредокот на регионалната кохезија и заедничкиот прогрес.
За неколку дена од денес премиерот Мицкоски најави уште една свеченост – пуштање во употреба на првиот дел од пругата Куманово – Бељаковце.