Патиштата и инфраструктурните проекти се создаваат за граѓаните и не припаѓаат на ниту една политичка партија, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ во реакција на изјавите од СДСМ за експресниот пат Страцин – Паланка.
„Не планираме, по седум потрошени години власт од страна на СДСМ, да влегуваме во дебати за тоа чив е експресниот пат. Тој не е ниту на СДСМ, ниту на ДУИ или било која друга партија. Народот добро знае дека тие за седум години не успеаја да завршат ниту еден сериозен инфраструктурен проект“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата нагласуваат дека ова било една од причините за изборниот пораз на СДСМ, покрај, како што велат, криминалот и „измеќарството кон ДУИ“.
„За седум години власт, тие не заковаа ни шајка, а сега тврдат дека проектите што ние ги завршивме, биле нивни. Апсолутно бесполезни се ваквите дебати, бидејќи СДСМ и понатаму се обидува да го потценува народот и да ги манипулира фактите“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, патиштата и другите инфраструктурни проекти остануваат на граѓаните на Македонија, а СДСМ, како што велат од опозициската партија, со своето однесување треба да биде потсетник за тоа „како не треба“.