Жорже Мендеш на извонреден начин успеа да избалансира и изменаџира кариери на големи фудбалски ѕвезди, а сега е на нов почеток со најголемиот талент во светскиот фудбал.
Португалскиот суперагент го застапува Ламин Јамал и тој вели дека талентот на Барселона е предодреден да биде нов лидер во светскиот фудбал, но притоа интервјуто за „Мундо Депортиво“ го искористи за да испрати и една смирувачка порака до навивачите на клубот.
Иако никој не ја доведува во прашање лојалноста на Јамал, фактот што неговиот договор истекува во 2026-та година носи и одреден немир кај фановите, но Мендеш сега тври дека нема никаков простор за паника.
– Јамал има се што е потребно да биде број еден во фудбалот. Треба да ги следи добрите примери кои ги оставија неговите претходници Роналдо и Меси. Тие на 40 години се натпреваруваат на највисоко ниво. Јамал треба да ги следи нивните примери, бидејќи поседува талент да биде број еден со години.
– Ламин е играч на Барселона и тоа ќе биде така со години. Навивачите на Барселона може да бидат мирни, светскиот број еден ќе биде нивни фудбалер многу долго. Набрзо ќе потпише нов договор со клубот, – најави Мендеш.