Најстариот израелски весник Хаарец објави колумна во која анализираше како историјата ќе го памети премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека тој може да заврши како Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Југославија кому му се судеше за воени злосторства.
Во текстот потпишан од Итан Нечин се наведува дека Нетанјаху сака историјата да го памети како Винстон Черчил, кого тој самиот често го споменува.
„Нетанјаху, синот на историчар, отсекогаш бил длабоко преокупиран со своето наследство и имиџ. Тој често правел споредби меѓу себе и Черчил: како воен премиер, автор, елоквентен говорник и бедем против фашизмот. Дури и по говорот во Американскиот Конгрес, тој застана покрај бистата на Черчил за да се слика, сакајќи споредбата никому да не му биде нејасна“, пишува Хаарец.
Од „избегнување“ на екстремисти до отворена соработка
Меѓутоа, во текстот се наведува дека многу пореална е неговата споредба со Слободан Милошевиќ, лидерот на Југославија кој остана запаметен по судењето за воени злосторства и кој почина пред крајот на судскиот процес пред Хашкиот трибунал.
„Исто како и Нетанјаху, во неговите почетни години, Милошевиќ не се сметаше за екстремист. Тој започна како ненаметлив комунистички функционер. Но, исто како и Нетанјаху, тој цинично ги овозможи и ги засили ултранационалистичките движења во Србија искористувајќи го нивниот екстремизам за сопствени цели. Пактот кој го склучи, верувајќи дека може да командува со нивната верност, се распадна бидејќи овие неконтролирани сили избегаа од неговата контрола, на крајот туркајќи ја неговата нација во бездна“, пишува Харец.
Понатаму низ колумната се прават паралели меѓу Нетанјаху и Милошевиќ, со фокус врз нивниот подем до позицијата лидер на Израел, односно поранешна Југославија.
„Милошевиќ првично се држеше на дистанца од српските екстремисти, па дури и јавно ги осуди нивните постапки. Во 1995 година, тој му рече на британскиот амбасадор, Сер Ајвор Робертс: „Тоа нема никаква врска со мене. Им кажав на тие лудаци дека таков луд начин на однесување му нанесува срам на српскиот народ“. Слично на тоа, Нетанјаху вети дека никогаш нема да се поврзе со десничарскиот провокатор Итмар Бен-Гвир или со тврдокорните доселеници, отфрлајќи ги и осудувајќи ги нивните екстремистички ставови“, пишува Харец, коментирајќи дека овие најави наскоро станаа минато, бидејќи и двајцата лидери се поврзаа со најекстремните делови на политичката сцена во нивните земји.
„Без разлика дали национализмот на Нетанјаху, како оној на Милошевиќ, доаѓа од искрено убедување или од подлоста на опортунизмот, неговиот вистински презир кон Палестинците и Арапите е очигледен. Како и Милошевиќ, тој се гледа себеси како лидер на чело на војната против исламот, позиционирајќи се како бранител на „Западот“. Како и Нетанјаху, така и Милошевиќ ги оправдуваше своите постапки бранејќи ја Европа од муслиманските „орди“, се вели во текстот.
Со помош на медиумите, поразите стануваат победи
Хаарец истакнува дека и двајцата лидери се особено познати по тоа што поразите ги претвораат во победи.
„Исто како што Милошевиќ ја претвори загубата на Косово во победа против Западот – посочувајќи дека Косово технички остана дел од Југославија во 1999 година, додека тој де факто ја изгуби контролата – Нетанјаху употреби слична тактика. Тој ги истакна акциите како што се атентатите на Синвар и Насралах, бомбардирањата во Иран и другите воени акции за бришење на катастрофата од 7 октомври како и бомбардирањето и раселување во Газа кое трае повеќе од една година“, пишува најголемиот израелски весник.
Хаарец, исто така, прави паралела помеѓу односот кон медиумите и критичките делови од општеството, и начинот на кој повеќето медиуми во Израел и поранешна Југославија стојат зад лидерите.
„За време на режимот на Милошевиќ, српската јавност беше хранета со постојани наративи за воените успеси и наводната закана која ја претставуваат муслиманите. Секоја критика на војната или признавање на злосторствата беше потисната со строги закони, прогласена за непријателска, деморализирачка или предавничка. Неколкуте медиуми кои се осмелија да го критикуваат беа затворени, а уредниците беа таргетирани. Притисокот на Нетанјаху за трансформација на израелските медиуми, заедно со нападите врз новинарите и критичките медиуми, го одразуваат верувањето – како она на Милошевиќ, дека контролата на наративот е клучна за зачувување на моќта, дури иако тоа значи уништување на слободниот печат за да се замолчат спротивните гласови и веродостојната критика“, пишува Харец.
Корупција и непотизам
Нагласена е и врската меѓу двајцата лидери во контекст на непотизмот и корупцијата. Така, се прави поделба меѓу улогите на Сара Нетанјаху, сопругата на премиерот на Израел, со Мирјана Марковиќ, сопругата на Милошевиќ, како и со нивните синови Јаир и Марко.
„Марко живееше луксузен начин на живот, ја избегнуваше воената служба и го отвори Бамбиленд, српскиот забавен парк за време на НАТО бомбардирањето, каде што парадираше во униформа. Тешко е да не се повлечат паралели со Јаир Нетанјаху кој се забавува во Мајами, поттикнува против војската и се дружи со десничарски американски групи, наместо да живее во Израел“, пишува во колумната на Хаарец.
Во текстот се споредува и реакцијата на меѓународната потерница, која е речиси идентична.
„Откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење против него, Милошевиќ изјави: „Не го признавам Трибуналот. Тоа е политички механизам дизајниран да го уништи српскиот народ“. Слично на тоа, Нетанјаху го спои својот личен идентитет со оној на Израел, прикажувајќи ги критиките на неговите постапки како напад врз самата нација и еврејскиот народ „Антисемитската одлука на Меѓународниот суд на правдата во Хаг не е ништо друго туку модерно судење на Драјфус“, рече Нетанјаху во видеообраќањето.
Во натамошната споредба на ситуацијата во поранешна Југославија, односно Србија со онаа во Израел, Хаарец пишува дека токму корупцијата беше таа која ги „отвори очите“ на општеството за да разбере која била вистинската цена на режимот на Милошевиќ.
„Токму корупцијата, поточно откритието дека Милошевиќ ја измамил државната каса за 300 милиони долари, стана клучна точка за неговото апсење. Може да се повлечат паралели со судењето на Нетанјаху за криминални дејствија, каде што наводите за поткуп, измама и кршење на довербата, исто така, фрлаат сенка врз неговото лидерство. И двата случаи ја илустрираат опасната средба меѓу желбата за политички опстанок и подготвеноста да се загрози населението на земјата и да се уништат нејзините институции во очајнички обид да се задржи власта“, вели Хаарец.
Меѓународната потерница како предупредувачки знак за општеството
Се посочува дека „Србите биле шокирани“ кога Милошевиќ конечно бил уапсен, верувајќи дека „корупцијата довела до негов пад, а не воените злосторства кои ги организирал“. Тие предупредуваат дека ова е „опасен наратив“ кој може да се види во Израел денес.
„Под водство на Нетанјаху, израелските политичари ги прикажуваат страдањата во Газа како неопходна цена за националната безбедност, прикажувајќи ја блокадата, воените напади и хуманитарните кризи како неизбежни. Критиките често се отфрлаат како антиизраелски, деморализирачки или водени од скриени политички агенди. Слично како во Србија, овој наратив ја штити јавноста од соочување со културата на негирање и рамнодушност која не ја шири само владата, туку и главните политичари“, се вели во текстот.
На крајот, во текстот се вели дека меѓународната потерница за Нетанјаху, како што беше случајот со Милошевиќ, треба да биде сигнал за акција во општеството на една земја, а во случајов Израел.
„Некои тврдат дека налозите за апсење на Хашкиот трибунал се бесмислени бидејќи не можат да се извршат, но идејата дека Нетанјаху може да биде уапсен во Лондон ја промашува суштинската поента. Овде отсекогаш стануваше збор за израелското општество. Како и во Србија и на други места, народот е тој кој треба да го избрка од власт, а не меѓународните судови. Србите тоа го направија гласајќи за исфрлање на Милошевиќ. МКС треба да обезбеди морален и политички поттик за тоа да се случи и во Израел. Налогот за апсење е потсетник дека поддршката на Израел не значи поддршка на Нетанјаху; всушност, тоа бара спротивставување кон него“, се вели на крајот на оваа колумна на Хаарец.