Опозициската СДСМ бара оставка од членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поради судир на интереси по, како што велат, скандалозната одлука поврзана со директорот на АНБ, Бојан Христовски, и неговата спорна диплома.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека е алармантно откритието оти членката на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и реферира дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата што ја издала спорната диплома.
„Со пријава до ДКСК оспорена е диплома од универзитетот на кој Ристовска била професорка во време кога Христовски дипломирал во рок од една година. Ова претставува уште еден основ за директен судир на интереси, што е во спротивност со етичкиот кодекс на ДКСК, каде што јасно е наведено дека членовите не смее да одлучуваат за предмети во кои постои судир на интереси (член 9). Не смее да има ниту најмал сомнеж за конфликт на интерес кај оние што треба да се борат против конфликтот на интерес“, рече Кузеска.
Според СДСМ, Ристовска требало да биде изземена од овој случај, а ДКСК треба да биде пример, а не да остава впечаток дека штити кого било.
Партијата бара и повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на директорот на АНБ, како и расчистување на прашањето за евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат.
Претходно вчера, од антикорупциската објаснија дека соработката на Ристовска со Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје била на ниво на гостин предавач и никогаш за финансиски надомест или друг тип договорна соработка. Од тука сметаат дека не постои никаков судир на интерес бидејќи нема никаква поврзност со наведниот универзитет.
Нејзината фотографија беше пред два дена избришана, па повторно вратена назад на страната на Универзитетот во составот на универзитетскиот наставен кадар.