Крајниците се отстрануваат хируршки за да се подобри дишењето за време на спиењето и намалувањето на повторливите воспаленија, а најновата студија сугерира дека оваа релативно честа процедура може да го зголеми ризикот кај пациентот од развој на нарушување поврзано со анксиозноста подоцна во текот на животот.
Студијата, која беше објавена во „Jama Network Open“, ја спроведе меѓународен тим на истражувачи.
Научниците од Медицинскиот универзитет Гуангки во Кина и Институтот Каролинска во Шведска ги анализираа податоците од повеќе од еден милион луѓе во шведскиот здравствен регистар. Тие откриле дека операцијата на крајниците е поврзана со 43 отсто зголемен ризик од развој на состојби како што се: посттрауматско стресно растројство (ПТСН), депресија и анксиозност.
Со оглед на тоа дека се работело за набљудувачка студија, истата не можела да ја утврди причината за овој исход, но зголемениот ризик бил присутен дури и откако се зеле предвид полот на учесниците, возраста на која им биле отстранети крајниците, семејната историја поврзана со стрес, нарушувања и нивото на образованието на родителите како показател за социо-економскиот статус.
Од идентификуваните состојби, ПТСН претставува најголемо зголемување на ризикот – зголемување за околу 55 отсто кај оние кои биле подложени на отстранување на крајниците порано во животот, во споредба со оние кои не го сториле тоа.
Ризикот постои дури и по повеќе од 20 години од операцијата
Истражувачите ги споредиле браќата и сестрите во некои семејства со цел да контролираат одредени генетски фактори и фактори на животната средина. Дури и во рамките на овој примерок, постоел 34 отсто поголем ризик од анксиозни нарушувања кај оние членови на семејството на кои им биле отстранети крајниците.
„Откривме дека иако зголемувањето на ризикот се чинеше дека е најголемо во текот на првите години по операцијата, зголемениот ризик од нарушувања поврзани со стресот беше забележан и повеќе од 20 години од операцијата“, пишуваат истражувачите.
Со оглед на тоа дека била спроведена ширум земјата и со обемен примерок, резултатите обезбедуваат веродостојни докази за одреден вид врска помеѓу операцијата и опаѓањето на менталното здравје.
Крајниците помагаат во борбата против инфекциите
Иако може да се живее без крајниците, тие помагаат во борбата против инфекциите, така што нашите тела се поранливи без нив.
Претходните студии го поврзуваа отстранувањето на крајниците со зголемување на други здравствени проблеми, вклучувајќи ги автоимуните болести и ракот.
Сепак, ограничени на податоците од медицинскиот регистар, истражувачите не беа во можност да ги земат предвид клиничките карактеристики поврзани со операцијата кои би можеле да обезбедат клучен увид во врската. Тимот, исто така, ги признава предизвиците во потврдувањето и генерализирањето на нивните наоди за специфични стресни нарушувања, оставајќи простор за дополнителни идни истражувања.
„Доколку нашите наоди се потврдат во идните студии на независни испитувани популации, ќе бидат потребни механички студии за да се раздвои улогата на човечките крајници и нивните болести, преку воспаление или други поврзани здравствени состојби, во развојот на психијатриските нарушувања воопшто и стресот“ пишуваат истражувачите, а пренесува „Science Alert“.