Градот на вода го добил името по својата најголема река Сана, а неговото име доаѓа од латинскиот „aqua sanus“, што значи – здрава вода.
Сански Мост е мал град на северозападот на Босна и Херцеговина, на околу триесетина километри југозападно од градот Приједор, сместен помеѓу планините Грмеч, Мулеж и Бехремагиница, а низ него течат дури девет реки. Заедно со Сана, тука се уште осум реки: Саница, Блиха, Дабар, Јапра, Здена, Мајданска Риека, Сасинка и Кожица, како и неколку понорници.
Сански Мост, кој во бивша Југославија го нарекуваа и Град на цвеќето поради убавите и добро уредени зелени површини, и денес се гордее со својот мост, џамијата со четири минариња и „малата Венеција“, на која потсетува тој дел од градот со своите канали.
Градот е богат со извори на лековита вода, а нивните благодати ги користеле сите кои низ историјата поминале низ овој град – Грците, Римјаните, Турците.
Овој регион бил населен и многу пред нив, а во околината се пронајдени праисториски остатоци. Се претпоставува дека тука живеело и илирското племе Мезеји, во населбата по име Мрен, која била пристаниште во IX век, а на брегот на Сана, тврдат историчарите, имало и илирски рударски центар. Најстарото писмено спомнување на оваа област може да се најде во повелбата на унгарско-хрватскиот крал Бела IV. од 1244 година.
Денес центарот на бањскиот туризам е во Санска Илиџа, кој покрај радиоактивна вода и чудотворна кал, на своите посетители им нуди незаборавно гостопримство. Околината на Сански Мост е недопрен природен храм со неверојатни карстни споменици и само неколку човечки траги, како што се остатоците од Каменградската тврдина од 14 век, сместена на карпа висока 500 метри над местото кое е именувано по неа.
На подрачјето на градот има неколку карстни извори на реки – Саничко врело, Дабарско врело и изворот Здена, пештери и водопади кои вреди да се посетат. Пештерата Хрустовачка е позната по раскошниот „пештерски накит“, а пештерата Дабар, во која се влегува веднаш до изворот на истоимената река, сè уште е прилично неистражена, иако на самиот почеток ги маѓепсува посетителите со своето пештерско езеро.
Импресивниот водопад на реката Блиха, меѓу селата Горњи Каменград и Фајтовци, на околу 15 километри од Сански Мост, се спушта низ карпата висока 56 метри нудејќи импресивна глетка.
Изворите и реките од санската област живеат и во приказните и легендите, а помеѓу најубавите е онаа најтажната, за двете сестри – Блиха и Здена.
Иако деталите понекогаш се разликуваат, така што во некои верзии се појавува чумата, а во други богатството, сепак несреќниот крај се јавува и во двете. За да го избегнат бракот кој бил договорен против нивна волја, двете убави сестри се фрлиле од планината, а таму каде што паднале се создале две планински солзи, а од нив потоа настанале реките Блиха и Здена.