Мајк Тајсон (58) и Џек Пол (27) се соочија пред нивната борба која ќе се случи ноќта петокот кон саботата. Ова долгоочекувано соочување беше проследено со провокации, меѓутоа не во онаа мерка во која се очекуваше.
Имено, Тајсон беше изненадувачки смирен и даваше кратки одговори, а Пол се обиде да го испровоцира на оригинален начин.
Пол се појави на конференцијата за медиуми со заштита на горниот дел од десното уво, така што беше прашан која е причината за тоа.
„Не сакам да ми го одгризне увото, така што го заштитив со дијаманти“, изјави Пол кој алудираше на познатата борба од 1997 година, кога Тајсон одгризна дел од увото на Евандер Холифилд.
Меѓутоа Тајсон не реагираше на оваа провокација, а не беше ниту многу расположен да разговара со новинарите, а во еден момент се налути поради прашањето – што доколку ја загуби борбата против Пол. „Нема да загубам“, неколку пати повтори Тајсон.
Инаку најоригиналната провокација стаса од публиката. Имено Тони Белју, поранешниот светски „WBC“ првак, дојде во друштво на постар господин облечен во боксерска наметка и со боксерски ракавици. „Џејк доколку Мајк ти дозволи да преживееш, за тебе имам нов противник. Овој прадедо од 107 години, има два вградени колкови, подготвен е за тебе“, му порача Белју на Пол и на тој начин покажа дека мисли оти јутјуберот згрешил што го предизвикал на борба „пензионерот“ Тајсон.
Потсетуваме, Тајсон и Пол во американскиот Арлингтон, во ноќта петокот кон саботата ќе боксуваат осум рудни по две минути, наместо стандардните триминутни рунди, карактеристични за професионалните боксерски натпреварувања, а ќе носат ракавици од 14 унци кои се нешто поголеми од стандардните кои можеме да ги видиме на професионалните боксерски натпревари.