Подемот и падот на Шон Комбс: Одбиена кауцијата од 50 милиони долари, останува во притвор, а му се заканува доживотна робија

Точка

18/09/2024

16:22

3.401

Големина на фонт

а а а

Американскиот рапер и хип-хоп магнат Шон Комбс, познат како Диди, кој во последните неколку месеци се соочи со шокантни обвинувања за сексуална злоупотреба и насилство, вчера беше уапсен во Њујорк под обвинение за рекет и трговија со луѓе.

Во првиот став од обвинението се наведува дека Комбс „злоупотребувал, се заканувал и ги терал жените и сите околу него да ги исполнуваат неговите сексуални желби, да го заштитат неговиот углед и да ги скријат неговите постапки“.

Според обвинението, чија содржина во целост ја објави Си-ен-ен, раперот се потпирал на своите вработени, ресурси и влијанието на моќната деловна империја што ја водел и ја контролирал, создавајќи криминална мрежа во која тој и неговите соработници биле вклучени во трговија со луѓе, принудна работа, киднапирање, палење, корупција и попречување на правдата.


На 14 страници, федералните власти даваат шокантни детали за неговата наводна вмешаност во серија злосторства, кои тој ги негира.

„Тој не е виновен, тој е невин по тие обвиненија“, рекол неговиот адвокат Марк Агнифило.

Раперот се изјасни за невин, но му беше одбиена кауција од 50 милиони долари и мора да остане во притвор.

Во обвинението се наведува дека Диди користел „одредени вработени“ за да го продолжи и прикрие своето насилство и трговија со луѓе. Но, тие вработени не се именувани во документите. Тие му овозможувале сексуални дејства на раперот, кои во документот се наречени „Freak Offs“, а вклучувале сексуални работнички и „снабдување на хотелските соби со разни материјали, вклучувајќи контролирани супстанции, бебешко масло, лубриканти, дополнителна постелнина и осветлување“. Истите залихи, поточно разни наркотици и повеќе од 1.000 шишиња бебешко масло и лубриканти, полицијата ги заплени во неговите вили на почетокот на годинава.

Минатиот ноември неговата поранешна девојка Касандра Вентура, позната како Каси, го обвини за сексуален напад и семејно насилство, а многу други жени тргнаа по нејзините стапки, тврдејќи дека биле жртви на раперот. Овој февруари, поранешниот продуцент на Комбс, Родни Џонс Помладиот, исто така поднесе тужба, велејќи дека музичарот се обидел да го „присили“ на секс со други мажи. Сите обвинувања добија дополнителна тежина од снимките од безбедносните камери од хотелот на кои се гледа како тој ја напаѓа и ја тепа својата поранешна партнерка Каси.


Сепак, познавачите на неговиот лик и дело знаат дека ова не му е прв проблем со законот.

Од Харлем до ѕвездите

Шон Комбс е роден во 1969 година, во Харлем. Неговиот татко бил возач, а бил убиен само три години по раѓањето на Шон. Мајка му Џенис била манекенка во младоста, но по смртта на сопругот работела четири работи за да ги издржува синот и ќерката Кеиша. Мајка му инсистирала тој да се образова, но и да се бори за своите цели со сите средства. Во интервју со Опра Винфри, Комбс раскажа како неговата мајка одбила да го пушти дома додека тој не ги врати парите што му ги украле неговите врсници кога имал девет години.

„Таа ми рече: 'Врати се таму и врати си ги парите. Ако некој крене рака на тебе, потруди се никогаш да не му се повтори тоа. Мора да се браниш'“ – раскажал раперот.


Но, признал дека и самиот бил темпераментен и така го добил прекарот „Пафи“, кој подоцна со години го користеше како уметничко име.

Првата работа како доставувач на весници ја добил на 12 години, подоцна работел на бензинска пумпа, а потоа во мексикански ресторан, користејќи го слободното време за да продава лимонада.

Комбс поминал едно лето со семејство Амиши во Пенсилванија, преку непрофитната организација за деца од градот „Фреш ер“, а набрзо се преселиле од Менхетен во Мон Вернон, предградие на Вестчестер. Тие го запишале Комбс во престижната академија Маунт Сент Мајкл, каде што носел униформа, играл американски фудбал и развил амбиции.

„Крал“ на студентските забави

Планирал да стане професионален спортист, но неговите желби биле спречени поради скршеница на ногата. Се запишал на Универзитетот Хауард во Вашингтон, на кој најмногу присуствуваат Афроамериканци и таму создал поинаков имиџ. Носел светкава облека, правел забави и почнал да создава свое друштво. Помеѓу предавањата, тој работел како возач на шатл-автобус на аеродромот и продавал стари семинарски трудови, газирани пијалаци и маици.

Бил многу популарен и често организирал забави, а на една од нив неочекувано присуствувале 4.500 луѓе. Поради ова, полицијата го затворила целиот блок од студентскиот дом.

Потоа му се јавила желба да работи во дискографска куќа и го испратил своето си-ви до сите релевантни компании барајќи стажирање. По некое време, тој добил позиција во „Аптаун рекорс“, каде што работел и до 80 часа неделно, со цел да ги заврши сите должности за неговите претпоставени. Кога му станало премногу, ги напуштил студиите.


Комбс продолжил да организира забави со кои останал во чекор со трендовите и се здобил со способност да привлече сè поголем број луѓе. Поради ова, еден од неговите потфати завршил со трагедија. Имено, тој организирал хуманитарен кошаркарски натпревар во кампусот на Колеџот во Харлем, но се појавиле дури 5.000 луѓе и дошло до стампедо во кое девет лица загинале, а повеќе од 30 биле повредени. Тој не бил кривично гонет, но подоцна рекол дека случајот го прогонувал.

Влегување во музичките води

И покрај инцидентот, неговата популарност расте и тој успева да потпише договор со раперот Кристофер Валас, попознат по неговото уметничко име Ноторијус Би-ај-џи. Така се роди неговата дискографска куќа „Бед бој рекордс“, која во 1994 година го издаде албумот на Валас „Ready to Die“.

Набрзо започнала жестока пресметка со ривалската куќа „Дет роу рекордс“ од Лос Анџелес, на чело со Шуг Најт, кој бил одговорен за подемот на еден од најголемите рапери на сите времиња – Тупак Шакур. Токму тогаш Тупак бил застрелан петпати за време на грабеж, а подоцна тврдел дека Комбс и Валас знаеле за планот за напад. Иако тие негирале дека имаат некаква врска со тоа, нивниот конфликт продолжил, а сенката на сомнежот останала над нив откако Тупак беше убиен во пукање во Лос Анџелес во 1996 година. Валас беше убиен шест месеци подоцна во пукање во автомобил, само неколку минути откако ја напуштил забавата на која присуствувал со Комбс. Теориите на заговор за вмешаноста на Диди во овие злосторства опстојуваат до денес.

Солистичка кариера

Ништо од ова не го спречи успехот на Комбс. Својот прв сингл под уметничкото име Паф Диди го издаде во јануари 1997 година, а истата година го издаде својот прв албум, на кој една од песните ги посвети на Биги. „I’ll Be Missing You“ стана првиот рап сингл што дебитираше на првото место на топ 100 топ-листите на „Билборд“.

Следната година тој беше номиниран за четири награди Греми, а благодарение на ресторанот и модната линија „Шон Џон“ – неговото богатство почна да расте со вртоглава брзина.

Тој купи вила во Хемптонс каде што ја организираше првата „Бела забава“ со строг кодекс на облекување, што стана традиционален годишен собир на големите ѕвезди.

Курс за управување со гнев

Како што расте неговото влијание, така се зголемуваат скандалите во кои тој бил вмешан. Така, во 1999 година е уапсен бидејќи среде бел ден претепал еден од клучните луѓе на дискографската куќа „Интерскоп рекордс“, но избегнал затворска казна и морал да посетува еднодневен курс за справување со гневот. Само три месеци подоцна, тој бил вклучен во пукање во ноќен клуб на Менхетен, додека бил во друштво на тогашната девојка Џенифер Лопез. Парот славел во елитен клуб, кога еден од гостите му се заканил на неговиот штитеник, раперот Шајн. Дошло до тепачка, а потоа и до пукање во кое биле ранети три лица. Комбс побегнал со Џеј Ло, својот телохранител и возачот, носејќи украден пиштол за кој немал дозвола. Но, полицијата го пресретнала и тој завршил на суд каде што бил прогласен за невин.


Меѓутоа, за време на медиумскиот спектакл, во кој се претвори неговото судење, стана очигледно колкаво влијание има раперот врз јавноста. Неговите обожаватели се собраа пред судот со транспаренти и извикуваа пораки за поддршка, барајќи од судијата да го ослободи од обвиненијата.

Само неколку недели подоцна, тој целосно го промени својот имиџ и избра ново име – Пи Диди.

„Кога ги менувам имињата, ставам точки на тие епохи“, рекол тој во интервју за „Венити фер“ во 2021 година.

Неговиот моден бренд „Шон џин“ стана толку популарен што раперот беше номиниран за машки дизајнер на годината. Сепак, се покажа дека неговите креации се направени во импровизирани фабрики во Хондурас, каде што луѓето работеа во нехумани услови за исклучително низок надоместок.


Две години подоцна, тој настапи на полувремето на Супербол, најголемото спортско натпреварување во Америка, каде што ја почна својата позната кампања „Гласај или умри“ за време на претседателските избори.

Потоа реши да го исфрли „Пи“ од името, па стана само „Диди“.


Во времето кога неговата тогашна партнерка роди близнаци, пет месеци откако неговата долгогодишна пријателка му ја роди ќерката Ченс, Комбс беше вклучен во кариерата на младата пејачка Касандра Вентура, која ќе стане симбол на неговиот пад.

Иако веќе го скрши идентитетот на „дрскиот и наметлив Паф“, сепак имаше изливи на гнев, па во 2014 година наводно го удрил својот колега Дрејк во ноќен клуб во Мајами, а истата година беше уапсен за напад со смртоносно оружје и закани за тероризам и кон тренерот на еден од неговите синови.

Време за „љубов“

Повторно го смени името, овој пат во „љубов“ (на англиски: „Love“) во 2017 година, само една година подоцна почина неговата поранешна партнерка Ким Портер, мајка на неговите три деца. Таа беше пронајдена мртва во нејзиниот дом во Лос Анџелес, а судскиот лекар утврди дека починала од пневмонија.

Извесен период се чинеше дека Касандра Вентура, која ја запозна кога имаше 37, а таа само 19, беше единствената жена во неговиот живот, но парот се раздели во 2018 година. Оттогаш, тој беше поврзан со Дејна Тран, која му ја роди ќерката Лав, во декември 2022 година, но и со други значително помлади жени.


Меѓутоа, во ноември 2023 година се појави вест дека Касандра го тужела за силување и долгорочно насилство во врската. Иако неговите адвокати се спогодија со Касандра за само еден ден, се јавија голем број други жени што тврдеа дека биле мета на гневот на раперот.

Полицијата ги пребара неговите домови во Лос Анџелес и во Мајами, а иако тогаш не нашла докази против него, еден од неговите соработници бил уапсен поради поседување наркотици. Адвокатите на Комбс тврдеа дека станува збор за „лов на вештерки“ и обиди да изнудат пари од нивниот клиент, но во мај годинава протекоа шокантни снимки од безбедносните камери од еден хотел, кои ја покажуваат темната страна на неговата природа. Раперот подоцна се извини, велејќи дека нема оправдување за неговото однесување прикажано на видеото и дека му се моли на Бог за милост и прошка.

Со оглед на новите обвиненија против него, се чини дека го чека долга судска битка.




Спонзорирани линкови

Маркетинг