Велат дека добриот актер мора да биде способен да ја одглуми секоја улога која ќе му биде доделена, а Марлон Брандо умеел да го направи токму тоа. Холивудската легенда Марлон Брандо е роден на 3 април 1924 година, а освен по бројните улоги, целиот свет и ден-денес го памети по неговата убавина и шарм.
Марлон Брандо бил актер со исклучително богата и успешна кариера. Тој бил двократен добитник на Оскар и со право се вбројува меѓу највлијателните актери на 20 век. Покрај тоа, тој бил номиниран за уште шест Оскари. Добил два Златни глобуси, три БАФТА награди и Канска награда за најдобар актер.
Имал 11 години кога неговите родители се развеле, а поголемиот дел од детството го поминал со бабата, а не со мајка му, а таа прва и го забележала неговиот актерски талент.
Со својот татко немал добри односи, за што пишувал и во својата биографија.
„Иако бев именуван по него, никогаш не успеав да му го привлечам вниманието, тој не беше задоволен од ниту еден мој избор, секогаш ми велеше дека нема да постигнам ништо во животот и дека не сум способен да направам ништо вредно за внимание“, пишувал Брандо во својата биографија.
Неговата постара сестра Џоселин Брандо прва започнала актерска кариера, одејќи во Њујорк, а поради неа добил дополнителен поттик и самиот да се обиде во глумата.
Брандо бил многу непослушен во тинејџерските години. Го повторувал одделението во гимназијата, а подоцна бил избркан, поради што на 16 години бил испратен во воено училиште, каде што се истакнал во театарот, што имало позитивен одек од професорите и колегите.
Кога имал 18 години Брандо се преселил во Њујорк, каде посетувал работилници за глума.
Неговото прво филмско појавување било во улогата на ветеран во филмот „The Men“ во 1950 година. За да се подготви за улогата, тој поминал еден месец во кревет во болница за ветерани.
Младите генерации почнале да го обожуваат по улогата на Џони Страблер, мотоциклист во филмот „Savage“ и на тој начин создал имиџ на бунтовник.
Благодарение на улогата на мачо во филмот „A Streetcar Named Desire“, тој ја започнал модата на бели, тесни кошули со кратки ракави и се наметнал како машки еквивалент на Мерлин Монро, најголемиот секс симбол на 20 век.
Под диригентската палка на Казан и ансамблот актери околу себе, Брандо конечно добил Оскар за улогата на Тери Малок во „On the Waterfront“, а потоа глумел во „The Godfather“. За брилијантната улога на мафијашкиот бос Вито Корлеоне во овој филм, Брандо повторно освоил Оскар.
Меѓутоа, одбил да го прими во знак на протест против третманот кој Индијанците го имале во филмската индустрија, испраќајќи ја на доделувањето Сашин Литлферед, млада актерка и активистка на американското движење за права на американските староседелци.
Актерот потоа ја дал една од своите најдобри изведби во „Last Tango in Paris“ на Бернардо Бертолучи.
Брандо, како што споменавме, снимил бројни филмови, но сцената која ја игра во филмот „Last Tango in Paris“ велат дека е најлудата сцена некогаш снимена.
Француската актерка Марија Шнајдер практично сè уште била тинејџерка кога била принудена да изведе брутална сцена со силување со Марлон Брандо за потребите на снимањето.
Во озлогласената сцена, ликот на Брандо анално го силува ликот на Шнајдер на подот од стан во Париз, додека користи путер како лубрикант. Години подоцна било откриено дека сцената не е напишана во сценариото, дека е скриена од Марија и дека не била добиена нејзина согласност за снимањето, а тоа го открил самиот Бертолучи во интервју во 2013 година. „Не сакав Марија да глуми … Сакав таа да почувствува бес и понижување“, открил тој.
Актерката исто така истакнала дека немало никаква привлечност меѓу неа и Брандо и дека на него гледа како на татковска фигура. Таа имала многу повеќе погрдни зборови за Бертолучи, нарекувајќи го „дебел, испотен манипулатор“.
Брандо се женел три пати и цел живот го следеле бројни афери. Се шпекулирало дека имал афера и со Мерлин Монро, но и дека бил со мажи.
Официјално, Брандо имал 11 деца, од кои 5 со поранешните сопруги, 3 со својата куќна помошничка од Гватемала, а другите три ги добил од аферите. Еден од синовите на Брандо, Кристијан Брандо, бил осуден на 10 години затвор во 1991 година за убиството на Даг Дролет, момчето на неговата сестра.
Ќерката на Брандо, Чејен, поголемиот дел од животот го поминала во центри за одвикнување од дрога и ментални болници, живеела на Тахити со нејзината мајка.
По смртта на нејзиното момче, Чејен станала уште подепресивна, судот ѝ го одзел старателството на синот, а во пресрет на Велигден во 1995 година ја напуштила психијатриската болница и се обесила во куќата на нејзината мајка.
Малиот Брандо возел мотор по ходниците на училиштето, ги заклучувал професорите во канцелариите, палел пожари, кршел училиштен инвентар, поради што бил исфрлен од неколку училишта, вклучително и Воената академија.
Тој се пензионирал во 1980 година, но повремено глумел во уште неколку филмови. Така, неговата последна улога била во филмот „The Score“ во кој играл заедно со неговиот голем пријател Роберт Де Ниро.
Брандо починал во длабока старост на 1 јули 2004 година. Имал 80 години. Боледувал од дијабетес, а непосредно пред смртта му бил дијагностициран и рак.
Бил кремиран, а неговата пепел била расфрлена на две места – на Тахити и во Долината на смртта.