Турција со борбени авиони нападна цели на Курдистанската работничка партија во Ирак

Макфакс

02/10/2023

09:17

1.547

Големина на фонт

а а а

По бомбашкиот напад на главниот град на Турција, целите на Курдистанската работничка партија (ПКК) се уништени во воздушни напади на северот на Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи на Турција.

Турција објави дека со борбени авиони извршила напади врз курдски цели во северен Ирак по бомбашкиот напад врз зградата на владата во Анкара.

Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека околу 20 цели на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) биле уништени во воздушниот напад, вклучувајќи засолништа и магацини.

Турската војска ги засили воздушните напади врз северните ирачки бази на ПКК, се вели во соопштението.

Нападите се случија неколку часа откако бомбаш-самоубиец активираше експлозив во близина на зградата на Министерството за внатрешни работи во Анкара, при што беа ранети двајца полицајци. Вториот напаѓач е убиен во престрелка со полицијата.

Новинска агенција блиска до ПКК соопшти дека групата ја презела одговорноста за самоубиствениот напад.

Во соопштението за печатот на новинската агенција ANF, се наведува дека нападот го извршила екипа поврзана со групата „Баталјонот на бесмртните“.

Турција, Соединетите Американски Држави и Европската Унија ја сметаат групата ПКК за терористичка организација.

Според турската државна агенција „Анадолија“, двајцата напаѓачи заплениле возило од ветеринар во централната провинција Кајсери, град кој се наоѓа на 260 километри југоисточно од Анкара.

На снимката од надзорните камери се гледа како возилото застанува пред главниот влез на МВР, а еден од патниците брзо оди кон зградата пред експлозијата, додека другиот останал на улицата.

Едниот напаѓач загинал во експлозија, а другиот бил „неутрализиран“ или убиен од властите, изјави министерот за внатрешни работи.

Нападот се случи неколку часа пред првата седница на Парламентот по летниот одмор, на која требаше да се обрати претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој рече дека експлозијата е „последниот обид“ за тероризирање на Турците.

„Оние кои го загрозуваат мирот и безбедноста на граѓаните потфрлија во намерата и никогаш нема да го направат“, рече тој.

ПКК и ИСИЛ во минатото извршија вакви напади во туристичките области и центрите на градовите во Турција. За време на серијата крвави инциденти во 2015 и 2016 година, Курдите, ИСИЛ и други групи ја презедоа одговорноста или беа обвинети за неколку напади во големите турски градови.

Новинарката на Ал Џезира, Синем Косеоглу, која известува од Истанбул, рече дека по нападот, мерките за безбедност околу парламентот и зградите на Министерството за внатрешни работи се зголемени.



Спонзорирани линкови

Маркетинг