Промовирана „Домот на пастрмката“ од Александра Велинова на Саемот на книга

Точка

10/05/2025

20:16

284

Големина на фонт

а а а

Пастрмката „проговори“ преку гласот на учениците од училиштето „Љубен Лапе“ од Аеродром (под менторство на наставничката Маја Божиновска), на промоцијата на најновата сликовница „Домот на пастрмката“ од Александра Велинова на Саемот на книга.

- Голема е одговорноста да се пишува за најмладите, каква порака и каков начин ќе им се прати. Откако се родија моите синови Стефан и Алексеј се охрабрив да пишувам и за деца, благодарение на инспиративните разговори со нив, проследени со безброј прашања и потпрашања. Разговарајте со децата, порачува авторката.


За оваа сликовница открива дека идејата се родила едно августовско утро при прошетка со помалото синче покрај охридското крајбрежје кое тоаш имало само осум месеци, кое и тогаш како сега било ранобудно. Четири години подоцна се роди и „Домот на пастрмката“.


Вгнездена во прекрасен илустративен имагинариум, оваа поетска сликовница ги поведува децата кон интересно, возбудливо и креативно едукативно патување - истакна професорката Кристина Николовска која го промовираше ова најново дело на Велинова:

„Делото плени со својата стилска раскош, која фасцинира уште од првите стихови.Темата за зачувување на најдрагоцениот вид риба во Македонија, во Охридското езро -Охридската пастрмка е од посебен интерес. Поентите на трудот, кои се вистинска „ракотворба“ на везилка на стихот се јасни - еколошки, поучни, но пред се длабоко етички“.


Автор на илустрациите е Никола Темков. Оваа илустрирана книга за деца е во издание на ИК „Едука Мак“, поддржана од Министерството за култура. Досега Александра има објавено неколку сликовници за деца:

„Бидејќи сум дете“, „Стефан на прошетка со Ками во Египет“, „Стефан во магичниот град“, „ Стефан во Дино парк“, „На крилјата на самовилскто коњче“, „Мечето што не го фаќаше зимски сон“.

„Дарежливи луѓе,

Не праќајте ми подароци

Не ми треба дом по најнова мода.

Мене ми треба само чиста вода!“