Мицкоски: Младите брачни парови до 35 години ќе можат да купат стан по 20% пониска цена

Макфакс

25/11/2026

12:40

295

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најави воведување на два специјални закони со кои младите брачни парови до 35 години ќе добијат можност да купат стан по 20% пониска цена и ќе бидат ослободени од наплата на комуналии за изградба на куќа, со цел олеснување на условите за домување.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во однос на тоа како законски ќе се реши помошта од државата за млади брачни парови при купување стан, односно за комуналиите и како ќе се одредува просечната цена, изјави:

Младите брачни парови ќе добијат повластена цена

„Најверојатно ние ќе одиме со два специјални закони во Парламентот, коишто веќе се работат. Министерството за транспорт и мојот Кабинет ги работат законите. Зборувам за првиот закон во којшто брачните парови до 35 години ќе добијат право, односно ќе се стекнат со право да добијат станбен простор којшто ќе биде по цена од 20% пониска од онаа просечната, пазарната во таа катастарска општина во претходната година.

Анализа од катастарот

Утрово разговарав и со директорот на Катастар, тие изготвуваат таков тип на анализа, за третиот квартал е завршена. Го задолжив да во текот на денот ме информира каква е состојбата во првите три квартали од годината. И очекувам многу скоро денес да ја добијам оваа анализа и ќе можеме и јавно да објавиме каква е состојбата со катастарските општини онаму каде што има продадено новоградба на станбени единици и од тоа ќе можат потоа граѓаните, односно оние коишто ги исполнуваат условите согласно критериумот да си прават калкулации, планови и така натаму во иднина. Значи тоа ќе биде специјален закон којшто наскоро ќе се најде пред пратениците.

Комуналии и урбанизација

И исто така вториот специјален закон е оној закон во којшто општините на овој профил брачни парови нема да наплатат комуналии за изградба на куќа. И јас сум убеден и бидејќи веќе голем дел од градоначалниците ми се јавуваат со идеи дека имаат неколку хектари земја сакаат да ја урбанизираат, да ја парцилизираат, да ја понудат по 1 евро за ваков профил на брачни парови, што е добро. И јас сум убеден дека и овие два закона и овие две мерки ќе вродат со плод и ќе се интензивира и ќе се олесни практично домувањето кај овој профил на брачни парови.“
Со почит,