Тејлор Свифт се најде на мета на критики откако списанието „Венити фер“ (Vanity Fair) во понеделникот објави опсежен текст за нејзиниот приватен живот, растењето и музичката кариера.
Поранешни училишни другари, познаници и извори од музичката индустрија изнеле низа непријатни тврдења за 36-годишната пејачка, а еден од нив ја споредил со Реџина Џорџ, манипулативната средношколка која Рејчел Мекадамс ја глумела во култниот филм „Опасни девојки“ (Mean Girls), пишува „Пејџ сикс“.
Пејачката ниту еднаш не била спомената по име
Авторката на текстот, Меј Џонг, ниту еднаш не ја споменала Тејлор Свифт по име, туку ја нарекувала „Мозокот на операцијата“ и „Ѕвездата“. Сепак, бројните референци на нејзиниот живот, песни и кариера јасно упатувале на тоа за кого станува збор.
Во написот пејачката е прикажана како личност која е истовремено жртва и злоупотребувач. Авторката ја опишува како манипулативна личност склона кон контрола и тврди дека се претставува како жртва на прогон и покрај огромното богатство и успех.
Еден неименуван раководител од музичката индустрија изјавил дека Свифт е склона кон казнување на луѓето што ќе ѝ се замерат. Лице кое наводно некогаш било блиско со пејачката тврди дека таа не поднесува несогласување.

„Кај неа никој не е поштеден од критика. Ако не гледате на работите како неа, ќе се нафрли на вас. Секогаш е исто“, рекол изворот.
„Ако некој каже нешто што не ѝ се допаѓа, за неа повеќе не постои. Еден ден би била кај некого на вечера, а три недели подоцна би рекла: ‚Ма не, не можам да ја поднесам‘“, додал тој.
Во текстот индиректно се споменува и нарушеното пријателство со актерката Блејк Лајвли, која Свифт не ја поканила на својата јулска свадба со Тревис Келси откако била вовлечена во нејзиниот правен спор со актерот Џастин Балдони.
„Тоа е вистинска Реџина Џорџ“, прокоментирал нејзин познаник.
Наводни судири со други пејачки
Се осврнале и на наводните судири на Свифт со Кејти Пери, Оливија Родриго и Чарли Екс-Си-Екс.
Еден од изворите изјавил дека Свифт во јавноста се преправа дека ја поддржува Чарли Екс – Си-Екс, иако тоа наводно не е случај.
Како пример се наведува доделувањето на Греми наградите во февруари 2025 година, кога Свифт танцувала на музиката на Чарли Екс-Си-Екс. Неколку месеци подоцна ја објавила песната „Actually Romantic“, за која бројни обожаватели веруваат дека е насочена токму против британската пејачка.

Наводно Чарли Екс-Си-Екс претходно ги избегнувала обидите на Свифт да се спријатели со неа, а се нагаѓа дека за тоа пеела во песната „Sympathy Is a Knife“.
Списанието се осврнало и на наводно нарушениот однос со Оливија Родриго, како и на долгогодишниот судир со Кејти Пери поради танчарите што настапувале на нивните турнеи. Свифт и Пери јавно се смириле во 2018 година.
Неименуван извор исто така тврди дека музичарите блиски до Тејлор намерно избегнуваат професионална соработка со нејзините ривали, кои наводно се исклучени и од нејзиниот општествен круг.

Поранешен училишен другар: Беше меѓу оние коишто ги малтретираа другите
Во написот своите сеќавања изнеле и поранешни школски другари на пејачката. Еден од нив ја опишал како личност која малтретирала други ученици и која секогаш била дел од популарното друштво.
Нејзината поранешна наставничка Шерон Лајбен го оспорила поранешното тврдење на Свифт дека за време на училишните денови седела сама за време на ручек.

„Тоа не беше вистина. Во пониските одделенија од средно училиште имавме однапред определени места за седење“, рекла наставничката.
Слично тврдење изнел и еден од поранешните училишни другари.
Критики и за раскошната венчавка
Авторката се осврнала и на љубовната приказна на Свифт и Келси, како и на нивната раскошна венчавка одржана во јули во њујоршкиот Медисон сквер гарден.

Таа ги критикувала размерите на прославата, споменувајќи приватни авиони, теренски возила, полицајци кои работеле прекувремено и огромен видеоекран.
„Љубовта можеби е бесплатна, но нејзиното јавно покажување не е“, се наведува во написот.
Текстот предизвика поделени реакции
Објавата е особено интересна бидејќи „Венити фер“ ѝ припаѓа на издавачката куќа „Конде Наст“ чии списанија досега главно ѝ беа наклонети на пејачката. Свифт повеќепати се појавила на насловната страница на „Вог“, а позната е и по пријателскиот однос со долгогодишната уредничка на тоа списание, Ана Винтур.

Написот предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Обожавателите на Свифт ја обвинија авторката за претерано анализирање на нејзиниот приватен живот, вклучувајќи наизглед неважни детали како бројот на чизми „Уг“ што ги поседувала во средно училиште.
Други, пак, ги критикуваа обожавателите поради тоа што пејачката веднаш ја бранат и одбиваат да прифатат каква било критика на нејзина сметка.











