Татко и син нападнале лекар и медицинска сестра во поликлиника во Аеродром, синот уапсен

Макфакс

23/11/2026

13:50

209

Големина на фонт

а а а

Во скопскиот Аеродром, татко и син физички нападнале лекар и медицинска сестра пред поликлиника, при што синот е уапсен. Инцидентот предизвика реакции за зголемена заштита на здравствените работници и повик за итни законски мерки.

Скопјанец на возраст од 41 година е уапсен по пријава дека заедно со својот татко физички нападнал лекар и медицинска сестра во скопски Аеродром. Нападот се случил пред поликлиниката „Јане Сандански“, соопшти Сојузот на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, кој го осуди нападот и побара поголема заштита на здравствените работници.

Според МВР, нападот бил пријавен на 21 ноември околу 17:30 часот, а му претходело недоразбирање. Според пријавата, во нападот учествувале Ј.К. (41) и неговиот татко С.К. (62). Полициски службеници од СВР Скопје го лишиле Ј.К. од слобода во 19:15 часот во Полициската станица Кисела Вода. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Од Сојузот, предводен од ЗМСТАС – „За нас“, велат дека лекарот и медицинската сестра биле нападнати додека ги извршувале работните задачи. Сојузот побара од МВР и од надлежните правосудни институции итно да го расчистат случајот и да преземат соодветни законски мерки.

Сојузот апелираше до Министерството за здравство и до раководствата на здравствените установи да преземат конкретни мерки за поголема безбедност на работните места. Оттаму изразија поддршка за повредените колеги и им посакаа брзо закрепнување.