[ВИДЕО] Протести против крајната десница во Франција, во Орлеан се собраа до 26.000 луѓе

Макфакс

24/10/2026

14:50

212

Големина на фонт

а а а

Денешните протести во Франција се организирани против крајнодесничарската партија Национален собир, која одржува конгрес во Орлеан, каде се собраа до 26.000 луѓе. Во Париз исто така се планирани демонстрации, а има и инциденти и забрани за собири во други градови.

Илјадници луѓе денеска протестираат во Франција против крајнодесничарската партија Национален собир (РН), која одржува конгрес во Орлеан, додека во Париз демонстрациите се најавени за попладнево, од 14 до 19 часот.

Според француските медиуми, во Орлеан до пладне се собрале 11.000 демонстранти, според податоците на префектурата, додека организаторите тврдат дека бројот достигнал 26.000.

Во поворката се слушале извици „Макрон, оставка“ и „Ле Пен во затвор“, во знак на протест против Марин Ле Пен, која беше осудена во случајот со парламентарните асистенти на поранешниот Национален фронт.

Градоначалникот на Орлеан, Серж Груар, вовел полициски час за малолетниците помлади од 15 години во текот на ноќта меѓу сабота и недела, како и меѓу недела и понеделник.

Во Париз, полицијата извршила 635 проверки со цел да ги одврати лицата што би можеле да дојдат во престолнината со намера да предизвикаат инциденти. Меѓу запленетите предмети биле нож, брусилка и заштитна опрема, вклучително маски со филтри и нуркачки очила.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез предупреди дека се очекува присуство на различни групи кои би можеле да предизвикаат инциденти.

„Знаеме дека веројатно ќе имаме различни групи кои ќе се обидат да предизвикаат инциденти, било преку напади врз продавници, институции или припадници на безбедносните сили“, изјави Нуњез при посетата на Националната полициска академија во Париз-Венсен.

Меланшон повика на протест во Париз

Лидерот на француската левичарска партија „Непокорена Франција“, Жан-Лик Меланшон, повика на собир во парискиот кварт Порт д’Итали, со цел, како што наведе, да се спречат „провокациите“ на премиерот Себастијан Лекорни.

„Мораме да се обединиме за да ги поддржиме барањата на младите“, напиша Меланшон на социјалната мрежа Икс.

Маршот во Париз ќе почне кај Порт д’Итали и ќе продолжи до Порт де Венсен, а треба да трае од 14 до 19 часот.

Кандидатката на претседателските избори Марин Тонделје ја критикуваше промената на маршрутата, која полицијата ја објавила ден претходно.

„Првпат во животот заминувам, а да не знам каде ќе почне најавениот протест, само три часа пред почетокот“, напиша таа на Икс.

Инциденти во Гренобл, забрани во повеќе градови

Во Гренобл, група лица се обидела да го блокира автопатот А480, по што дошло до судир меѓу две возила. Во инцидентот две лица се здобиле со полесни повреди, соопшти префектурата на департманот Изер.

Според соопштението, полицијата брзо интервенирала и ги растерала лицата што се обиделе да го блокираат автопатот. Засега нема информации дали некој бил уапсен.

Во Ница, каде што денеска се забранети сите собири, префектот на Приморските Алпи, Жан-Мари Жирије, соопшти дека биле уапсени нешто помалку од десет лица кои пристигнале со заштитна опрема.

Во меѓувреме, властите одбиле барања за одржување демонстрации и во Монпелје, Нанси, Кан и Анси, соопштија надлежните префектури.