[ВИДЕО] Се урна повеќекатница во Кенија, се трага по луѓе затрупани под урнатините

Макфакс

23/10/2026

19:40

598

Големина на фонт

а а а

Повеќекатна зграда се урна во центарот на Најроби, Кенија, при што според полицијата се трага по луѓе кои може да останале затрупани под урнатините. Спасувачките екипи се борат да пронајдат преживеани, додека властите започнаа истрага за причините за несреќата.

Повеќекатна зграда во изградба се урна денеска во Најроби, главниот град на Кенија, при што се стравува дека голем број луѓе останале затрупани под урнатините.

Зградата се урнала околу 13 часот во прометната трговска улица во населбата Истли. Повеќе од десет ката се урнале еден врз друг, оставајќи огромни количества бетонски урнатини.

Според началникот на полицијата во Најроби, Иса Мохамуд, најмалку една повредена жена е извлечена и пренесена во болница, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани. Засега не е познат бројот на затрупани лица.

Еден од работниците, Џозеф Каула, кој успеал да избега непосредно пред уривањето, раскажал дека слушнал вресоци и видел како неговите колеги трчаат кон излезот.

„Бев последниот што излезе пред сè да се урне. Целото подрачје се исполни со прашина“, изјавил тој.

Спасувачката операција првично била отежната поради недостиг на тешка механизација, а полицијата употребила солзавец за да растера лица кои почнале да ограбуваат околни продавници.

Гувернерот на Најроби, Џонсон Сакаја, потврдил дека зградата имала градежна дозвола, но не и употребна, иако во приземјето веќе работеле неколку продавници.

Властите најавија истрага за причините за уривањето и утврдување на евентуална одговорност.