Туфегџиќ: Новиот притвор на Деко нема да го забрза судењето за Пулс

Макфакс

03/10/2026

20:17

172

Големина на фонт

а а а

Судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе биде долг и болен процес, пред сè поради, како што оценува поранешниот судија и адвокат Владимир Туфегџиќ, погрешно поставената теорија на случајот во поднесеното обвинение.

Туфегџиќ смета дека новиот 30-дневен притвор определен за Дејан Јованов нема да влијае врз брзината на судската постапка за пожарот, ниту ќе придонесе за побрзо и праведно решение.

„Судењето за кочанската трагедија ќе биде долг и болен процес, пред сè поради погрешната поставеност на теоријата на случај со поднесеното обвинение. Новиот притвор на Дејан Јованов нема да ги смени работите, ниту ќе влијае да се дојде до побрзо и праведно решение, а ќе останат бурните и оправдани реакции на семејствата на жртвите“, вели Туфегџиќ.


Според него, дел од обвинетите, меѓу кои и поранешни министри, би можеле да побараат од Судот измена на редоследот по кој се изведуваат доказите на одбраната. На тој начин, како што оценува, нивните предложени докази би можеле да бидат изведени порано, по што доказната постапка во однос на нив би била завршена.

„Во насока на расчистување на состојбата на работите, упатно би било обвинетите министри од пред 10-15 години и уште неколкумина потполно ‘залутани’ лица во овој судски предмет да побараат од Судот измена на редоследот на изведувањето на доказите на одбраната, за да се изведат нивните неколку предложени докази и со тоа да заврши доказната постапка за нив“, наведува Туфегџиќ.

Тој смета дека ваквиот пристап не би бил невообичаен за сложена кривична постапка и дека во конкретниот предмет би можел да придонесе за поголема економичност и ефикасност на судењето.


„Со ова доказната постапка спрема овие неколкумина обвинети би била исцрпена и Обвинителството, со оглед дека е исцрпена доказната постапка, ќе може да го преиспита обвинението спрема овие обвинети, а Судот во раздвоена постапка би можел да донесе одлука“, вели тој.

Туфегџиќ оценува дека на тој начин фокусот на судската постапка би можел да остане на, според него, клучните прашања поврзани со трагедијата.

„Тоа е моето размислување за да се задржи вистинскиот фокус на овој трагичен настан“, додава Туфегџиќ.

Судењето за пожарот во „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, е во фаза на изведување докази на одбраната. Обвинителството претходно ја заврши својата доказна постапка, во која беа изведени 1.390 материјални докази и сослушани 45 сведоци и пет вешти лица.

Во меѓувреме, на Јованов му беше определен нов 30-дневен притвор во рамки на одделна истрага на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во која е осомничен за давање поткуп. Според Обвинителството, сомнението се однесува на давање поткуп на службено лице во Министерството за економија за добивање лиценца за угостителскиот објект. Постапката е во истражна фаза.