Германија го намалува бројот на визи за работници од Балканот – еве што ги очекува македонските граѓани од 2027 година

Точка

28/09/2026

21:06

1.108

Големина на фонт

а а а

Квотата би можела да биде намалена од 50.000 на 25.000 визи годишно, а германската градежна индустрија предупредува дека одлуката би можела дополнително да го отежне доаѓањето на работници од Балканот.

Владата на Германија планира промена на правилата за увоз на работници од Западен Балкан од 1 јануари 2027 година. Наместо досегашните 50.000, бројот на визи би можел да биде преполовен на 25.000 годишно.

Истата најава постоела и минатата година, по потпишувањето на коалицискиот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД. Според сегашните правила, Владата на Германија им овозможува на граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија да работат во Германија доколку имаат договор за работа. Како дел од реформскиот пакет од 34 точки, ЦДУ/ЦСУ и СПД планираат од 1 јануари 2027 година да го преполоват бројот на издадени визи, од 50.000 на 25.000 годишно.


Централниот сојуз на германското градежништво (ZDB) предупредува дека таквата одлука би можела да доведе до губење на работни места и да ја загрози реализацијата на бројни инфраструктурни проекти.

„Ова би бил тежок удар за градежната индустрија. Речиси 30 отсто од визите одат во градежниот сектор. Ниту една друга гранка на индустријата не ја користи оваа регулатива во толкава мера“, соопштил Централниот сојуз на германското градежништво.

Владата на Германија го оправдува намалувањето на квотата со растот на невработеноста во земјата. Според наводите на Сојузната агенција за вработување (BA), Правилото за Западен Балкан се однесува на речиси сите видови вработување, дури и кога работниците немаат формални квалификации. Исклучок се регулираните професии, како лекарите, за кои претходно е потребно да се признае квалификацијата.


„Секој седми градежен работник има странски пасош. За градежната индустрија, оваа регулатива е најуспешниот модел за регрутирање работници и експерти од трети земји. Силно предупредуваме на последиците од преполовувањето на квотата. Градежната индустрија би можела до крајот на годината да загуби 8.000 работници“, вели Феликс Паклепа, генерален директор на ZDB.

Побарувачката за визи за Западен Балкан главно е голема. Квотата за 2025 година била исцрпена уште кон крајот на ноември, поради што некои апликации морале да бидат одбиени.

Според наводите на ZDB, Сојузната агенција за вработување минатата година издала дури 105.000 одобренија, бидејќи поради долгото чекање во одделите за визи, секое одобрение не мора да резултира со влез во земјата.


„Оваа регулатива функционира токму онака како што креаторите на политиките ја замислуваат легалната миграција. Секој што ќе дојде мора да има договор за работа“, рекол Паклепа.

Според Институтот за истражување на пазарот на трудот и занимањата (IAB), 98 отсто од имигрантите се вработени. Речиси 58 отсто работат како квалификувана работна сила, специјалисти или експерти, иако тоа не е услов за доаѓање преку оваа програма.

„Правилото за Западен Балкан претставува доселување поради работа, а не поради социјална помош. Самите ЦДУ/ЦСУ и СПД го воведоа во 2016 година. Не би требало сега да го уништуваат сопствениот успешен модел“, нагласува Паклепа.

Градежната индустрија ја повикува сојузната влада да ја задржи квотата на најмалку 50.000 работници годишно, да ги дигитализира и забрза визите процедури, како и да ја разгледа можноста за проширување на програмата и на други земји на потекло.