Светот ја обожува, но тој не: Стивен Спилберг откри со која позната актерка никогаш повеќе не сака да соработува

Точка

24/09/2026

17:00

825

Големина на фонт

а а а

Стивен Спилберг во текот на кариерата соработувал со бројни големи актерски имиња, но снимањето на филмот „Hook“ од 1991 година му останало во лошо сеќавање. Режисерот никогаш не го криел незадоволството од филмот и признал дека за време на продукцијата се чувствувал несигурно во однос на материјалот.

Филмот го следи возрасниот Петар Пан (Робин Вилијамс), кој го заборавил животот во Недојдија и сега живее како бизнисмен со сопругата и децата.

Кога капетанот Кука (Дастин Хофман) ги киднапира неговите деца и ги одведува во Недојдија, Ѕвончица (Џулија Робертс) го враќа Петар во неговиот поранешен свет за да ги пронајде и спаси. Соработката со Робертс била особено напната, а Спилберг ја нарекол „несреќен момент за нивната соработка“. На прашањето дали повторно би работел со неа, кратко одговорил: „Не“, пишува „Far Out Magazine“.

Снимањето го одбележала напната атмосфера

Робертс за време на снимањето минувала низ тежок приватен период по раскинувањето на свршувачката со Кифер Сатерленд. Спилберг подоцна покажал разбирање, велејќи: „Џулија веројатно го проживуваше најтешкиот период во својот живот“. Робертс, пак, тврдела дека бројните приказни за нејзиното однесување на снимањето биле претерани или неточни.


Спилберг не бил незадоволен само од соработката со Робертс, туку и од филмот. „Се чувствував како риба на суво додека го снимав“, признал тој, објаснувајќи дека не му верувал на централниот дел од сценариото и дека несигурноста се обидувал да ја надомести со раскошна продукција.

И покрај тоа, филмот „Hook“ беше комерцијално успешен и доби пет номинации за Оскар, а со текот на времето стекна носталгична публика. Ставот на Спилберг сепак не се променил значително. 

„Сè уште не го сакам тој филм“, рекол во 2013 година, а со Робертс потоа повеќе не соработувал.