Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ ја намали прогнозата за деловните резултати во 2026 година, со образложение дека очекува дополнителни трошоци поради послабите очекувања за „Porsche“, полошите пазарни услови во Кина и реструктурирањето.
Управата сега за оваа година очекува приходи од околу 315 милијарди евра. Досега очекуваа тие да останат близу до минатогодишниот износ од 321,9 милијарди евра или да бидат пониски за најмногу три проценти.
Ја намалија и прогнозата за оперативната профитна маржа, на најмногу еден процент, од досега прогнозираните четири до 5,5 проценти. Минатата година таа изнесуваше 2,8 проценти.
Во новата проценка, управата сега смета на околу десет милијарди евра еднократни трошоци и други посебни ставки кои ќе ја намалат годинашната оперативна добивка. Напоменуваат дека 900 милиони евра веќе се вклучени во резултатите за првата половина од годината. Без тие ставки, маржата би изнесувала околу четири проценти.

Отежнато работење
Работењето на „Volkswagen“ дополнително го отежнуваат пазарните услови, особено во Кина, како и посилниот раст на побарувачката за електрични возила од она што управата го очекуваше. Според проценките, тоа најмногу би можело да се одрази на „Audi“ и „Volkswagen“.
Новата прогноза пред сè го одразува отпишувањето на околу шест милијарди евра нематеријален имот во „Porsche“ по измените на долгорочните планови. „VW“ во такви услови ги измени проценките за вредноста на компанијата, а отпишувањето ќе се одрази на оперативната добивка во третиот квартал.
Управата очекува и дополнителни трошоци за реструктурирање поради проширувањето на програмата за предвремено пензионирање, како и поради планираната продажба на компанијата „Volkswagen Osnabrück GmbH“. Промените на кинескиот автомобилски пазар, пак, би можеле да доведат до намалување на вредноста на имотот на кинеските компании на „Volkswagen“, вклучени во консолидираните резултати.

Трошоците за реструктурирање и последиците од движењата на кинескиот пазар заедно би требало во втората половина од годината да ја намалат добивката за околу две милијарди евра. Поголемиот дел од тие дополнителни трошоци би требало да бидат прикажани во третиот квартал, наведува „Volkswagen“.
„Volkswagen“ ќе ги објави деловните резултати за периодот од јануари до септември на 29 октомври.









