Македонскиот репрезентативец, Андреј Јакимовски официјално беше претставен како нов играч на Наполи Баскет, амбициозниот италијански прволигаш од Неапол.
Јакимовски имаше одлична сезона во Тренто, негова прва по враќањето од САД и со тоа стана интересен за повеќе клубови, а на крајот одлучи да остане на „чизмата“, ама да ја промени средината и потпише за Наполи, тим кој е предводен од Јасмин Репеша.
- Немав никакви сомнежи околу изборот на овој проект. Го познавам Неапол, играв тука минатата година и знам дека е многу страствен кошаркарски град со една од најдобрите навивачки бази во Италија.
- Имаме длабок и талентиран состав, со многу одлични играчи. Можеме да оставиме свој белег и во италијанската лига и во Еврокупот. Минатата година играв во Европа, па знам дека физичкото ниво на играта значително ќе се зголеми. Тренерот Репеша беше една од причините поради кои ја прифатив понудата на Наполи. Ова е важен проект и се надеваме дека ќе можеме да ги постигнеме нашите цели, - порача Андреј.






