Постапено е по протокол – ГАК ги отфрла обвинувањата на пациентката од Охрид

Макфакс

15/09/2026

13:14

446

Големина на фонт

а а а

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) ги отфрла обвинувањата на пациентка од Охрид дека не добила соодветна медицинска грижа и информира дека сите постапки биле направени согласно протоколи и соодветно документирани.

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) ги отфрли обвинувањата изнесени во јавноста од страна на пациентка од Охрид, соопштувајќи дека случајот бил разгледан од Комисијата за квалитет и било констатирано дека било постапено согласно протокол.

Од Клиниката наведуваат дека постојат и пишани докази за постапувањето со пациентката, вклучувајќи ги извршените прегледи и дадената терапија.

„И покрај сета пружена грижа, пациентката ја напуштила клиниката на свое барање“, соопштија од ГАК.

Од Клиниката додаваат дека ја почитуваат приватноста на пациентите, но и интегритетот и начелата на установата.

Реакцијата на ГАК следува откако медицинската сестра Љубица Шавреска јавно се обрати до Министерството за здравство и до министерот, изнесувајќи сведоштво за третманот што, според нејзините тврдења, го добила во повеќе здравствени установи додека била во 24+3 гестациска недела. Нејзината бременост подоцна завршила со загуба на плодот.

Шавреска наведе дека по појавата на болки најпрво побарала помош во Охрид, а потоа и во Струга, по што повторно била упатена на гинекологија во Охрид. Оттаму, по преглед на кој, според неа, било утврдено значително скратување на грлото на матката, заминала во приватна болница, од каде била упатена во Скопје.

Во своето сведоштво таа изнесе низа забелешки за третманот што го добила на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, тврдејќи дека и покрај силните болки и крварењето не добила навремена и соодветна медицинска грижа. Шавреска наведе дека на крајот ја напуштила Клиниката на сопствено барање и заминала во приватна болница.