Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го суспендира главниот обвинител Руслан Кравченко, кој претходно поднел оставка, но сè уште не бил формално разрешен од функцијата.
Кравченко поднел оставка на 7 септември, во период кога против него се воделе истраги од украинските антикорупциски агенции. Зеленски сега побара од парламентот итно да ја прифати неговата оставка, а предлогот за разрешување веќе добил поддршка од надлежната парламентарна комисија.
Одлуката доаѓа во време на судир меѓу Кравченко и антикорупциските институции. Тој денеска соопштил дека потпишал налог за сомнение против директорот на Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ), Семен Кривонос.
Кравченко ги обвини НАБУ и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО) дека при претрес незаконски одзеле материјали од предмети против нивни вработени. Според него, целта била да се спречи носењето процесни одлуки во тие случаи.
Во меѓувреме, „Украинска правда“, повикувајќи се на полициски извори, објави дека Кравченко ноќта меѓу 13 и 14 септември ја напуштил Украина со службено возило.
Кравченко потврдил дека е во странство, но тврди дека станува збор за службено патување во Париз. Според патниот налог до кој дошле медиумите, тој требало пет дена да престојува во француската престолнина за да учествува на сослушувања на Парламентарното собрание на Советот на Европа посветени на украинските деца.
Сепак, неговото име не се наоѓа на официјалниот список на учесници на расправата.
Претседателот на Врховната рада, Руслан Стефанчук, соопшти дека парламентот веќе го примил предлогот на Зеленски за разрешување на Кравченко.








